Македонија
22. February 2017 - 14:29

Хоџај: Србија не сака влез во ЕУ, туку во руски стил да доминира со регионот

Косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај изјави дека Србија не сака да влезе во Европската унија, туку сака во руски стил да доминира до Југоисточна Европа, постојано предизвикувајќи тензии со соседните земји. 

- Србија во руски стил се обидува да создаде сфера на влијание во регионот, демонстрирајќи ја својата улога и сила во Босна и Херцеговина, преку Република Српска, во Косово преку српското население на север, во Црна Гора и дури и во Македонија, предизвикувајќи постојани тензии со Хрватска, рече Хоџај во интервју за хрватската агенција Хина. 

Хоџај оцени дека Србите не сакаат приближување до ЕУ и додаде дека не верува оти на Балканот ќе избувне нова војна по крвавите конфликти во ’90-те години од минатиот век.

- Сметам дека не може да избувне некаков поширок конфликт или војна, но во тек е информациска војска, која Белград ја води во руски стил, рече Хоџај. 

- Сите земји знаат и Белград знае дека на крајот на тој процес Косово треба да биде признато. Тоа е целта на дијалогот, без тоа целиот дијалог е бескорисен, рече Хоџај.  

Според него заради Русија и тероризмот КФОР треба да остане во Косово подолго време.

Косово досега е признато од 130 земји во светот.