Македонија
17. October 2024 - 16:39

Закон наместо балансер

Закон за правична застапеност ќе има, но кој го прави предлог-законот не се знае. Министерот за администрација не одговори конкретно кој го подготвува, дали неговото министерство или Коалицијата „ВРЕДИ“. 

Но вели, носењето на вакво законско решение мора да биде во соработка со сите за да не се случи и тој да падне на Уставен, како „Балансерот“

-Треба да не се брза со ова законско решение, дека треба да се отвори една дебата, да се отвори една јавна расправа во која што ќе се вклучат оние коишто се најнадлежни за тоа, а тоа е експертската јавност, посебно оние коишто се задолжени за уставотворноста на евентуалното законско решение. Притоа да потенцирам дека правичната застапеност е уставна категорија, што значи дека треба да се дојде до една драфт верзија или, пак, нацрт-закон која на крајот по сериозна дебата треба да биде доставена до Венецијанската комисија со цел да имаме соодветно решение кое што ќе биде долгорочно со добра содржина, но најважно од се применливо. Се надевам дека Владата ќе дојде до тоа решение, но потенцирам не треба да се брза затоа што таа уставна категорија ќе важи и сега, етничките заедници ќе имаат можност да се вработуваат согласно постоечките закони и без овие одредби коишто се укинати од страна на Уставниот суд, вели Минчев.

Засега не се знае како етничкиот предзнак при вработување и мерит системот ќе се спојат во едно решение за во јавниот сектор да се вработува стручен кадар, но и да се задоволат етничките барања. Минчев вели дека е поважно службениците да бидат поставени на позициите каде најмногу можат да придонесат.

-Со формирањето на Академијата идејата е да ја извршиме таа преедукација прво внатрешна, да ги поставиме вработените таму каде што може да дадат најголем допринос или да поедноставам не може некој да работи во јавната администрација да зема плата а да не испорача резултат, вели Минчев.

Уставниот суд ја укина алатката „Балансер“ според која етничката припадност беше многу поважна од кадарноста на идните службеници. Оттогаш најавите за ново законско решение главно доаѓаат од албанскиот коалициски партнер, но засега нема никакви детали како тоа би изгледало.