Смена во АНБ
Ден откако Владата го назначи Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, СДСМ бара негово разрешување. Партијата тврди дека со поставувањето на Христовски на челната позиција во оваа институција, се крши законот за АНБ кој предвидува дека директорот не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган. За ова велат дека ќе ги известат и земјите членки на НАТО и Европската комисија.
- Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ. Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО. Прашуваме и како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка? СДСМ се противи на оваа политизација на безбедносните служби и бараме власта да го повлече ова незаконско назначување. Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ, вели Миле Лефков пратеник на СДСМ
Премиерот Мицкоски пак возвраќа дека нема ништо спорно во назначувањето на Христовски. Од лани тој не е член на ВМРО-ДПМНЕ, поседува безбедносен сертификат и повеќе години работи во безбедносниот сектор.
- Нормално откако таа неправда му беше нанасена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот кој што го поминува речиси цeлиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ. Има доста уплашени структури и има за што да се плашат, а се дел од поранешната власт.
Владата на вчерашната седница го разреши досегашниот директор на АНБ Зарко Милошевски чиј мандат трае уште две години и на негово место го назначи Бојан Христовски. Тој е поранешен припадник на Управата за безбедност и контраразузнавање кој по формирањето на новата АНБ не беше вработен во Агенција откако не му беше издаден безбедносен сертификат со тврдење дека неговиот татко учествувал во протестите против Преспанскиот договор и поради руско влијание. Безбедносниот сертификат го доби повторно откако Управниот суд пресуди дека незаконски му бил одземен, а со друга судска одлука Христовски беше повторно вратен на работа во МВР.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар