Македонија
28. November 2024 - 21:19

Советниците на средба со превозниците во Град Скопје

Приватните превозници нема да го блокираат Скопје. На средба со советниците од ВМРО-ДПМНЕ договорија на вонредна седница да предложат повисока цена за изминат километар.

Превозниците се задоволни од предложената повисока цена.

Претходно советничката група на СДСМ побара вонредна седница и нивната иницијатива ги собра потребните потписи. 

Средбата меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и приватниците следи откако претседателот на советот Славески кажа дека доколку приватните превозници го блокираат Скопје, Владата може да ги расчисти со булдужери.

Од Владата, пак, за Сител велат:

„Изјавата на Трајко Славески ја гледаме како израз на незадоволство и резигнираност од состојбите во Градот Скопје во ситуација кога се справува со наталожени проблеми и управа која е ирационална, без чувство за реалните проблеми на Скопјани и заложник на интересите на нивните нови политички партнери од ДУИ и СДС кои имаат очигледна агенда да играат на картата создавање гнев кај скопјани затоа што мислат дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе губи поени, но граѓаните на Скопје гледаат јасно што се случува и свесни се за лошата реалност и нашите искрени напори да помогнеме на градот. Секако никој не планира да руши протести ниту да реагира деструктивно во ситуација кога треба да се помогне на градот да се извади градот од оваа ситуација во која ја доведе градоначалничката која е заложник на зделките на нејзините блиски кои се со нејзе одамна веќе фатени и седнати во скутот на ДУИ и СДС“, велат од Владата.

Во меѓувреме, ЈСП ги троши последните количини нафта од државните резерви. Засега нема информација дали воопшто ЈСП е влезено во преговори со некој за да обезбеди нафта додека не заврши целата процедура за двегодишниот тендер. Огласот завршува на 3 декември.