Македонија
17. October 2024 - 16:43

Таравари бара директорите на Детска и Козле да преземат мерки за докторите кои направиле превид

Ќе има ли некаква одговорност за смртта на 14 месечното бебе кое на 5 октомври почина на Клиниката за детски болести? Етичката Комисија при Лекарската комора денеска го разгледува извештајот од стручниот надзор во кој е наведено дека има недостатоци и стручни и системски и тоа во двете клиники каде било лекувано бебето. 

-За овој случај Комората исто така доби допис и од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, во кој оваа здравствена установа дава свое гледиште и став во врска со наводите од извештајот на Министерството за здравство. Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, на кој ќе се разгледа доставениот извештај во врска со починатото дете, како и Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка М.С. и нејзиното новороденче, кој е подготвен од комисијата формирана од министерот за здравство. За исходот од работата на Комисијата и донесените одлука за понатамошно постапување дополнително ќе информираме, велат од ЛКМ.

Арбен Таравари, пак, вели дека не е ниту судија ниту обвинител, но како министер очекува од директорите на Детска клиника и во Козле да преземат мерки против оние кои направиле превид при третманот на 14 месечното бебе.

-Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав компетентна комисија која даде детален извештај. Извештајот е испратен до клиниките, чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму ние можеме да постапиме врз директорите, не врз вработените. Нема никаде случај министерот да избрка од работа. Меѓутоа, треба министерот да инсистира за директорите да преземат одредени мерки за тие доктори кои што напраиле превид. Тие се раководители на тие болници и клиники и не би сакал јас да кажувам што ќе донесат, меѓутоа очекувам од нив да има некаква одговорност“,вели Арбен Таравари, министер за здравство

На прашањето како Клиника за респираторни заболувања кај децата нема респиратор што било контатирано и во извештајот, Таравари најави дека сега ова е нивна обврска што поскоро да обезбедат неопходна опрема во установата.

14 месечното бебе почина пред 12 дена на Детска каде беше транспоретирано од Козле во многу лоша здравствена состојба, со ниска сатурација и засегање на виталните функции. За случајот имаше и вонреден надзор и стручна Комисија.