Македонија
5. November 2021 - 15:05

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на ЕСЧП, Роберт Спано

Тековните реформски процеси во правосудството и соработката на Северна Македонија со Европскиот суд за човекови права биле тема на разговор на средбата на претседателот Стево Пендаровски со претседателот на ЕСЧП Роберт Спано, кој е во посета на земјава.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, изразил задоволство од соработката меѓу правосудните институции во Северна Македонија со Европскиот суд за човекови права.

-Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава го потпиша Протоколот 16 од Европската конвенција за човекови права којшто, по неговата ратификација во Собранието, ќе овозможи директна соработка меѓу највисоките судови во Северна Македонија и Европскиот суд за човекови права. Претседателот Пендаровски истакна дека Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија позитивно го оцени напредокот на нашата земја во реформите во правосудството и напредокот во усвојувањето на стратегиите за реформи коишто ќе ја зајакнат независноста на судството, соопштуваат од кабинетот на Пендаровски.

На средбата претседателот подвлекол дека и дека Северна Македонија останува посветена на соодветна примена на Европската конвенција за човекови права и основни слободи и особено навременото извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.