Македонија
29. May 2024 - 16:37

Матичните лекари реагираат за најавените казни за пречекорувања при давањето терапија на пациентите

Здравствените власти им овозможија на матичните да препишуваат терапија за 5 најчести хронични болести, но не им го зголемија буџетот. Лекарите од примарното здравство реагираат дека добиле известување од Фондот за здравство дека мора да враќаат пари за наводни пречекорувања на издадени лекови на нивните пациенти кои претходно за истите требаше да одат на специјалист.

- Лекарите совесно си ја вршат професијата, понекогаш и на сопствена штета, само и само секому да се даде лек. А има недостаток од лекови. Решенија во корист на здравството, многу споро се носат. Апелираме тоа да биде побрзо. Кога подолго време не наидовме, барем, на знаци дека нешто ќе се подобри, решивме да обрнеме внимание дека сме во лоша ситуација, рече д-р Љубомир Стефановски, матичен лекар и член на Управен одбор на  ЗПЛРМ.

Од Фондот за здравство велат дека целата било рационално препишување на лекови и важело повеќе од 10 години, а се казнувале само тие кои ја надминале таа цел. Во моментот се правеле анализи и ќе се пшостапело соодветно никој да не биде оштетен.

- Целта за рационално препишување на лекови е уредена со Правилник каде што се дефинира обемот на лекови кои што може секој од матичните лекари да го препише сразмерно на бројот на пациенти кои што ги има прикрепено и во него е дефиниран процентот на препишани рецепти за антибиотици, анксиолитици и за останати лекови, велат од ФЗО.

Матичните лекари бараат зголемување на бројот на услуги кои можат да им ги пружат на нивните пациенти, но и повеќе пари од државата за капитација. Исто така да се исфрлат хартиите, а евиденцијата и извештаите да бидат само електронски. 

- Истовремено, сум ограничен при давањето на дополнителни упати за моите пациенти, за доиследување, рече д-р Филип Дракалски, матичен лекар.

Денеска точно напладне матични лекари не само од Скопје, се собраа да алармираат за проблемите со кои се соочуваат и пред подрачните служби на Фондот и во другите градони во Македонија.