Македонија
26. July 2024 - 16:37

Дали врховен судија посредувал за прием и полагање на кандидати за судии и обвинители?

Ново кривично дело му се заканува на врховниот судија Наќе Георгиев кој е веќе осомничен за земање поткуп од 10 илјади евра. Обвинителството за гонење криминал и корупција истражува дали тој посредувал за полагање и прием на тројца кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. Таквите сознанија биле откриени при анализа на неговиот мобилен телефон. Била пронајдена и комуникација со вработен во установата.

„Предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции, оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Полицијата доцна синоќа влегла во Академијата по материјалите и мобилните на вработениот. Заменик директорот Илир Исени во изјава за Сител вели дека тимот на МВР три часа работел на обезбедувањето документи и видео снимки од Академијата кои се однесувале за тековната и претходните две генерации слушатели.

Премиерот Мицкоски смета дека случајот укажува на партизација во судството и обвинителството. Ако се точни сомнежите, вели, ниската доверба во правосудството не е изненадување.

Во генерациите за кои полицијата земала документи и видео снимки судии и обвинителите станаа синот на Георгиев, близок роднина на Иџет Мемети кој заедно со врховниот судија е осомничен за земање поткуп, како и синот на поранешниот собраниски спикер Талат Џафери. Последната генерација пак е во мирување откако беше утврдено дека спротивно на избориот законик се спроведувале тестирањата, па неодамна владата ги блокираше парите за вработување на 130 кандидати.