Македонија
29. May 2024 - 16:38

Шокаровски – Ова е оркестрирана хајка за уништување на државната Кардиохирургија

Нема зголемена смртност на кардиохирургија, фантомски пациенти не постојат а разрешувањето е незаконски. Ова го тврди сменетиот директор Марјан Шокаровски, кој на прес конференцијата имаше засилување од речиси сите вработени на клиниката. 

Вработените не се штедеа да аплаудираат кога Шокаровски прашуваше зошто некој сака да ја уништи кардиохирургија, но и која била целта на министерот во заминување да направи вакви тектонски пореметувања на една успешна приказна каква што била клиниката. 

- На сите нас ова ни личи на една оркестрирана хајка, на која што веројатно министерот е еден од учесниците на таа хајка. Ова прв пат се случува на ваков начин отворено да се напаѓа и да се руши интегритетот односно автономијата на клиниката, вели д-р Марјан Шокаровски, разрешен директор на Клиника за Кардиохирургија.

-Денеска ние имаме сериозни обвинувања за работата на клиниката, не за одредени индивидуи туку за сите што ги гледате овде, и докторите и средномедицинскиот персонал, вели д-р Надица Мехмедовиќ – Клиника за Кардиохирургија.

Дел од тимот на кардиохирургија подготвиле и статистички анализи согласно кои има тренд на намалување а не на зголемување на смртноста. Разрешениот директор не го добил извештајот од Комисијата што ја формирал Илир Демири, но вели членовите не се компетентни бидејќи немаат никаков контакт со кардиохируршки пациенти ниту практично искуство во областа. 

-Во статистиката не се собираат круши и јаболки ниту баби и жаби. Кога споредувате споредувате пациенти со иста тежина. Затоа биомедицинската статистика е специфична посебно при анализа и проценка на морталитетот, вели д-р Васил Папастиев – Клиника за Кардиохирургија.

Шокаровски седна на директорското столче минатата година откако тогашниот министер Фатмир Меџити го разреши Сашко Јовев.

А државната кардиохирургија е само еден дел од нефункционалниот здравствен систем. Во моментот се уште нема абер од надлежните кога ќе проработат операционите сдали на хируршките клиники кои се затворени 12 дена а тоа, пак, го поремети работењето на останатите здравствени установи. 

Нема разврска ниту за случајот Токсикологија а на милост и немилост се и вработените во болницата во Лешок.