Македонија
4. December 2023 - 17:00

Реконструкција на убиството на Вања

Понеделник. 27 ноември. 14-годишната Вања тргнува за на училиште. Во влезот во зградата на улицата Наум Нумовски Борче осомничените за нејзиното убиство и ги врзуваат рацете и нозете и во вреќа за спиење ја ставаат во багажникот на возилото „цитроен“ кое претходно е украдено од убиениот велешанец Панче Жежовски.

Тоа е првпат возилото „цитроен“, украдено пет дена претходно, да биде забележано на камерите на „сејф сити“.

Киднаперите пред себе имаат и претходница, возило марка „рено канго“. Заминуваат надвор од Скопје, на падините на Скопска Црна Гора кон селото Бразда – општина Чучер Сандево.

Според првичните информации кои ги споделија истражните органи, само нешто повеќе од два часа откако е грабната, главниот организатор на групата, Љупчо Палевски Палчо, во паника поради тоа што јавноста почнува да врши притисок за нејзиното исчезнување, ја усмртил Вања.

Нејзиното тело е најдено покрај патот меѓу селата Бразда и Горно Оризари. Од десната страна на патот има друг, земјен пат, кој денеска го чуваа полициски службеници. Не дозволуваа ниту пристап до местото, ниту пак да се снима локацијата.

На другата на селото Бразда кон аеродромот Стенковец води друг земјен, тесен пат кој локалното население го користи за да пристапи до околните ниви. Тука, во нива веднаш до земјениот пат е пронајдено опожарено возилото „цитроен“ кое тие го користеле за киднапирање.

-Искршени стакла и пеплосана пластика се единствените делови кои останаа од опожарениот „цитроен“ на велешанецот Панче Жежовски во атарот на селото Бразда.