Македонија
21. October 2021 - 16:36

Пост - изборна средба на Мицкоски и Села за потврда на поддршката во вториот круг

Мицкоски и Села ја потврдија соработката и во вториот круг од локалните избори. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците утринава се виделе во Собранието каде што направиле анализа на изборните резултати, но и разговарале за антивладиониот блок што го побара Мицкоски.

„На средбата се разговараше за анализа на изборните резултати од првиот изборен круг, и беше реафирмирана соработката и меѓусебната поддршка во средините каде има потреба за тоа во вториот изборен круг. Беше посочено дека потребни се промени, и нова иднина која ја очекуваат граѓаните“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

И од Алијанса ја потврдуваат соработката.

„Ве известуваме дека коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернативата е стабилна и работиме заедно за да создадеме ново парламентарно мнозинство во многу краток период. И покрај манипулациите, притисоците, купувањето на гласови и злоупотребите, граѓаните докажаа дека се против Владата, и сегашната власт веќе нема легитимитет да ја води земјата ниту на локално ниту на централно ниво“, соопштуваат од партијата на Села.

Од Алтернатива велат дека за нив е јасно дека во никој случај нема да ја поддржат владата на Заев.

„Како Алтернатива немаме причина во овој момент да зборуваме и да помогнеме една влада која е во слободен пад. За секоја друга опција останува да одлучиме откако ќе заврши вториот круг од локалните избори. Што се однесува за тоа кого ќе поддржиме во вториот круг, внатре во партијата, ниту во коалицијата, се уште не е дискутирано з аова прашањње. Сакам да нагласам дека ние гласовите за нас не ги сметаме како наша сопственост, па да ги дадеме некому. Сепак, тоа е индивудуална одлука на секој граѓанин за кој ќе гласа“.

Се уште неизвесно е дали и Левица ќе одговори на повикот на Мицкоски за соработка и за блокот за Македонија. Партијата одлуките ќе ги носи во недела.