Македонија
14. May 2024 - 16:40

Работните групи за владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди стартуваат со работа

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за владина коалиција од утре треба да ја стартуваат својата работа, потврдуваат неофицијално од двете страни. Според првичните најави ќе се работи за флуктирачки тела, односно нивниот состав ќе се менува во зависност од темата на разговите. Главно ќе бидат составени од потпретседатели и генералните секретари на партиите.

Првично ќе се разговара за заеднички програмски цели засновани на трите постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој и броба против криминалот и корупцијата што беа утврдени на првичната лидерска средба на Мицкоски со Меџити, Таравари, Гаши и Касами.

До реалното преговарање, двете страни се повлечени во своите редови, вклучително и лидерите.

„Оган, Огражден планина и слободна Македонија. Неколку дена за стратегија и чекорите кои следат“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Без да открива ресори или услови кои ќе бидат ставени на маса Изет Меџити од Демократско движење вели дека од Мицкоски очекува да не биде флексибилен кон политичарите на Вреди туку да ја реализира програмата во корист на албанските граѓани.

„Една работа, да не биде флексибилен кон раководството на ВРЕДИ како што беше СДСМ кон ДУИ. Имаше перцепција дека ДУИ владее со државата. Албанците веќе не бараат само симболика. Албанците сакаат власта да ја реализира програмата, да биде во функција на граѓаните. Деновиве ќе почнеме преговори за принципите на идната влада, а во втор план се ресорите, министерски, директорски“.

Сепак, Меџити вели дека е време за уставни измени поврзани не само за евроинтеграцијата туку и за укинување на одреденицата „20 отсто“ и наведување на албанскиот јазик.