Македонија
14. May 2024 - 16:38

Македонците најмногу трошат на „Букинг“, а најмногу купуваат на „АлиЕкспрес“

573 милиони евра Македонците потрошиле со своите платежни картички во странство, што е раст за 25% споредено со 2022 година, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија. Најголем дел од парите – 195 милиони евра ги потрошиле онлајн за купување авио-билети и за резервирање хотели.

Но иако сме потрошиле повеќе од половина милијарда евра, тие се поделени во 4,6 милиони транскации па една просечна трансакција била 43 евра или 2646 денари.

Македонците најмногу купувале од Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Најмногу пари биле потрошени во Холандија, 27,5 милини евра, а во Луксембург се направени најголем број на транскации.

Тоа е така бидејќи веб страницата која се користи најмногу за пребарување и резервирани смештаи, Booking е регистрирана во Холандија. Во Луксембург на пример, кадешто се регистрирани страниците на AliExpress и европската филијала на Amazon направени се 890 илјади трансакции, но таму просечната потрошувачка е само 11 евра бидејќи овие два онлајн продавачи најчесто се користат за ситни работи. Унгарија е привлечна за Македонците поради својот евтин авиооператор, Wizzair.

Македонските компании кои продаваат производи надвор заработиле 26,8 милиони евра. И тука се бележи раст од речиси 23%. Странците кај македонските компании трошеле по 31 евро во просек по трансакција. Најголем број од клиентите се од САД, Швајцарија и Обединетото Кралство, но пазареле и од Турција, Бугарија и Ирска.