Македонија
8. August 2024 - 16:38

Бугарија објави што се сработела за пругата кон Македонија - Николовски тврди дека Коридорот 8 се уште е приоритет

Премиерот Мицкоски и министерот Николовски лажат и манипулираат. Вака бугарската новинска агенција БГнес ги оцени изјавите на македонските власти дека Софија не прави ништо за железничко поврзување меѓу двете држави преку Коридорот 8.

Агенцијата добила целосен извештај од тамошното Национално претпријатие за железничка инфраструктура и објави што сѐ Бугарија сработела досега за изградба на железичката пруга од Коридорот 8. 

Според медиумот, Бугарија преку за транспортна инфраструктура финансирала подготовка за модернизација на железничката линија Софија - Перник - Радомир - Ѓуешево - граница со Македонија. Изработени се катастарски планови и регистри за првиот дел од делницата. На вториот дел од трасата, приоритет за Бугарија е до крајот на годината да биде изготвен проект решение за тунелот „Деве Баир“кадешто практично ќе треба да се спојат пругите од Македонија и Бугарија. 

Македонската влада најави дека планира да пренамени средства од железницата на Коридорот 8 за реновирање на железницата на Коридорот 10 бидејќи сметаат дека Македонија на тој начин ќе има поголеме економски бенефит.
Од транспорт за Сител веладека Коридорот 8 останува стратешки приоритет. Министерот Николоски по неколку средби со претставници од ЕУ договорил да дојдат стручни тимови и да направат ревизија на третата фаза на пругата кон Бугарија. Меѓутоа, Од Транспорт се уште стојат на ставот дека Бугарија не прави ништо за железничко поврзување меѓу двете држави.

-На денешната средба со евроамбасадорот Дејвид Гир беше истакнато и ова прашање.  Тоа што како информација го поседуваме е дека во месец септември се очекува да пристигне тој тим  се со цел да се направи ревизија на проектот.  Ќе го повториме ставот дека од бугарска страна не постојат конкретни активности за овој проект. Очекуваме дека после 8-те избори во Бугарија конечно ќе има Влада со политички мандат со која ќе може да се разговара на оваа тема и да се разрешат сите отворени прашања.  Се друго го сметаме за несериозно однесување, велат од Транспорт.

За третата фаза од Коридорот 8, односно од Крива Паланка до бугарската граница обезбедени се 560 милиони евра преку ЕБОР, Инвестициската рамка за Западен Балкан и ИПА 2. Николоски веќе побара Јавното обвинителство да истражи дали имало злоупотреба на државни пари. 

Инаку, Европската унија одобри уште 1,2 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан за подобрување на железничката инфраструктура и управување со водите во регионот. Парите главно се наменети за модернизација на српската железница и изградба на инфраструктура во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Го прашавме Министерството за транспорт дали Македонија ќе добие дел од колачот, но оттаму велат дека чекале позитивни вести во септември. 

Железничкото поврзување преку Коридорот 8 е важно стратешко прашање и за НАТО за поголема мобилност и поврзување на силите на Алијансата стационирани во Италија и Бугарија.