Остри реакции на помилувањата од претседателката
Лицата кои одлучи да ги помилува претседателката Силјановска-Давкова за опозицијата се скандалозни- криминалци кои се дел од нарко кланови, роднини на лица поврзани со пукања, оружје и дрога. Наместо да се реши криминалот од улиците, претседателката ги враќа на улица криминалците, реагираат од опозициската СДСМ. Листата ја оценија како скандал од големи размери со сериозни последици за безбедноста на граѓаните.
Најшокантно е помилувањето на припадници на криминалниот нарко-клан „Барон“, како и роднини на познатиот Шенки.За дел од помилуваните има основани индиции дека се вмешани и во други кривични дела и криминални пресметки, како што беше пукањето во Чаир.Помилувани се и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски кој беше во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“. Со овие скандалозни одлуки Давкова застана во заштита на криминалците и нарко клановите.
Листата за помилување на претседателката покажува дека новата власт има долгови кон криминалното подземје, реагираат од опозициската Левица. Едно од главните ветувања на новата власт било дека ќе го ослободат Скопје од криминалните банди, а сега наркокартелите со амин на Силјановска и Мицкоски ќе продолжат да го тероризираат главниот град, се вели во соопштението на опозициската партија.
Помилуваниот Аќиф Равманоски, припадник на кланот „Барон“, како осуденик е осомничен за пукањето во Чаир пред само осум дена со припадник на друга мафијашка група. Силјановска му простува и на Шенол Маслани, кој пред 5 години беше уапсен во спектакуларна акција на МВР во која се споменуваа дрога, луксузни автомобили, напад врз полицаец и оружје. Маслани е брат на контроверзниот арачиновец Шенки „Версаче“ и братучед на нарко босот Беланоца, велат од Левица.
Претседателката Силјановска-Давкова во изјава за ТВ 21 кажа дека и верува на работата и одлуката која ја донела Комисијата за помилување.
Одлуката на претседателката да помилува 10 лица беше објавена вчера во Службен весник. За три лица меѓу кои и Равмановски и Маслани за кои опозицијата смета дека се најскандалозните имиња на лицата, претседателката казните затвор им ги земни со условни. На останатите седуммина меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола Талевски, како и Ефремов првоосомничен во аферата Шпион, со одлуката на претседателката им се скратува времетраењето на казната.
Основните предуслови за едно лице да биде помилувано, се да има добро поведение, да не ги повторило делата и да не е осуден и за други кривични дела.
Одлуките за помилување на Претседателот на државата се по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на Претседателот. Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот на Македонија носи конечна одлука.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар