Македонија
23. October 2024 - 16:33

Мицкоски за 23. Октомври побара национална стратегија со МАНУ

Национална стратегија 2050 иницира премиерот Мицкоски на одблежувањето на државниот празник 23 Октомври – Ден на револуционерната борба. Проектот треба да биде изработен од Македонската академија на науките и уметностите и интелектуалната сила во државата. Стратегијата треба да обезбеди опстанок на државата, имајќи ги пред вид како, што рече премиерот иинтересите на соседите, но и најновите истражувања дека до 2050 година државата ќе има 400 илјади помалку жители од сега.

- МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на нејзините цели и приоритети. И сега знам дека во јавноста ќе почне да зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат. На граѓаните им е потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден.

Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното тогашно име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини  зошто правеле таква стратегија. Затоа за да не доаѓаме до такви тешки моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990та година? Каде ќе беше денеска нашата татковина?

Мицкоски побра политичко обединување и консензус за ваквиот проект, но и за празникот бидејќи као што рече ВМРО е организацијаја и на левите и на десните од политиќкиот спектар.

- Ги слушам нашите политички противници кои гледаат како да ми извадат од контекст изјава која ја кажувам, па ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, овој кажа Северна, тој не кажа Северна, и така влегуваат во еден магичен круг на обвинувања, политика која што се води ден за ден, играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани.

Но, јас имам еден одговор до нив. Малку подалеку ги гледаме работите, бидејќи вие од каде сега сакате да стигнете, ние од таму се вративме. Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината, бидејќи друга татковина немаме освен оваа наша заедничка Македонија која што јас сакаме најмногу на светот. Затоа јас им велам секој ваш предлог кој што е конструктивен и кој што е во оваа насока ќе го прифатиме....

Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Времето како поминува работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да променуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме. Од ден на ден, од час во час.

Ако сега сите не помогнеме заедно, осмислено и стратешки мудро, за жал ќе бидеме територија полна со духови и крстосница на криминалци, мигранти, зомби држава. Тоа некому одговара, но на нас не. Јас сум убеден дека не му одговара ни на регионот, иако многу мислат дека ќе не проголтаат како територија во една таква ситуација, тоа нема да е така.

Премиерот посочи и дека се уште, како во времето на историското ВМРО, живи интересите на соседите кои тогаш биле желба да ја делат и окупираат оваа територија и да не обезличат. Мицкоски говореше на Свечената акадмеија по повод шразникот „Завет кој обврзува“ во музејот на револуционерната борба. Пред претседателката на државата Силјановска Давкова, министри, пратеници и првиот човек на МАНУ. Опозицијата не беше присутна на настанот. Од СДСМ без формална честитка за 23 Октомври, но со критука за владината политика.

„Додека Мицкоски внатре зборува за идеали, надвор се помилуваат нарко босови вклучени во криминални активности, трговија со дрога и оружје, вмешани во мафијашки пресметки.  Ова е срам и погазување на идеалите на револуционерите од македонската револуционерна борба. Ова е директно загрозување на правната држава и охрабрување на криминалните структури.“, реагираа од партијата на Филипче

Претходно, владини и собраниски делегации положија цвеќе на споменикот на основачите на ВМРО во пакрот Жена-борец.