Ќе се евидентира целиот имот на државата
Ќе се евидентира целиот недвижен имот со кој располага државата. Владата формира Регистар на недвижнини, за да се знае што точно и во каква состојба е државниот имот. Целта е да се спречи злоупотребата и неовластеното користење, да се намалат трошоците за одржување, но и да се полни буџетот од издавањето под закуп, вели главниот државен ревизор, по чија препорака се формира регистарот.
- Една цел е да се издава државниот имот, а друга е да се обезбеди евиденција и соодветен простор. Ние имаме ситуација сега каде одредени надлежни органи од јавниот сектор имаат вишоок простор, а од друга страна има одредени јавни органи кои изнајмуваат простор. Во суштина, целта е да се обезбедат точни и навремени информации за местоположбата, за вредноста и за состојбата на целокупниот имот со кој располага државата, изјави Максим Ацевски.
Пописот веќе почна, а вицеперемиерот за политика и добро владеење очекува до крајот на следната година да заврши евиденцијата. Покрај имотот, ќе се прави и Регистар на сите службени автомобили. Во моментов има над 1,500 функционерски возила и според најавите, тие би имале специјални таблички, со посебен број, за да можат граѓаните да ги препознаваат. Ако некој направи прекршок секој граѓанин ќе може да ги пријави. На тој начин, би се намалила злоупотребата на служебните автомобили.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар