Македонија
20. October 2018 - 16:18

Меѓународната заедница со честитки за вчерашното гласање и почеток на постапката за уставни измени

Меѓународната заедница ја поздрави одлуката на собранието за почеток на уставните измени. Високи претставници на ЕУ и НАТО како и амбасадори во земјава упатија честитки за синоќешното гласање во парламентот и порачаа дека со овој чекор Македонија е чекор поблиску до евроатланската заедница.

Генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг синоќа на својот профил напиша.

-Го поздравувам гласањето на Парламентот во Скопје за предложените уставни измени. На владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини преку заедничка изјава ја поздравија одлуката на собранието.

-Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени”.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на твитер на македонски јазик напиша.

-„Еден глас еден голем чекор поблиску до заземање на местото кое ви припаѓа во нашата трансатлантска заедница”.

Преку соопштение исходот во македонскиот парламент го поздрави и Австрискиот канцелар Себастијан Курц.

-Тоа дава силен ветар в грб на напорите за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија следната година“.

Според Државниот секретар за Европа во Германското МНР Михаел Рот синоќа надвладеале државните наместо партиските интереси, Британскиот министер за Европа Алан Данкан ја поздрави одлуката на парламентот за подршка на преспанскиот договор додавајќи дека Британија останува подржувач на неговата имплементација.

Веднаш по гласањето и грчкиот премиер Алексис Ципрас му честиташе на македонскиот колега Зоран Заев.

-Честитки, пријателе мој, Зоран Заев! Вечерашново гласање е голем чекор кон нашиот заеднички успех. Мошне важен чекор кон мирна и просперитетна иднина за нашите народи!”

Доскорешниот министер за надворешни работи на Грција и потписникот на договорот од Преспа, Никос Коѕијас денеска изјави

-Јас сум најсреќниот министер во оставка.

Од друга страна грчкиот министер за одбрана Панос Каменос незадоволно реагираше на твитер.

-Кој би помислил дека во европскиот систем на вредности и демократија тие што не гласаат според наредбите се затворани, а послушните добиваат бонуси од два милиони евра црни пари. Засрамен сум”.

Со позитивна реакција се јави и медијаторот во спорот со името Метју Нимиц, во изјава за Гласот на Америка вели:

"Се надевам дека останатите чекори ќе се одвиваат лесно за да се заврши овој процес. Ги охрабрувам сите политички лидери да работат заедно конструктивно да го финализираат договорот, и да продолжат со неговата имплементација".

Честики за оддлуката на парламентот упатија и повеќе амбасадори во земјава. Американскиот амбасадор Џес Бејли на фејсбук напиша.

-Честитки за македонскиот Парламент за гласањето за иницирање уставни измени, согласно Преспанскиот договор. Пратениците од сите партии покажаа храброст и лидерство со тоа што се здружија за да помогнат да се обезбеди место на Македонија на Западот, во НАТО и во ЕУ "

Одлуката на собранието за уставни имени ја поздравија и повеќе политичари од земјите во регионот.