Македонија
9. December 2023 - 16:39

Канење дете на кафе не е криминал?

Комплетно расчистен и документиран случајот со наводното киднапирање на две ученички од ОУ „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци. МВР преку соопштение информира дека веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегле на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со Јавен обвинител од штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности бил пронајден и 20-годишникот со кој бил извршен службен разговор во врска со случајот.

Притоа, од сите реализирани дејствија и прибавени докази не утврдиле основи за постоење на кривично правен настан. Целокупниот доказен материјал од преземените мерки и активности со соодветно известување ќе биде доставен до надлежното Основно јавно обвинителство и Центарот за социјална работа Штип за нивно понатамошно постапување. Градоначалникот на општината Виктор Паунов во телефонски разговор изјави дека тие не се мешаат во работата на полицијата, но дека соопштението е премногу општо и не содржи детали за настанот, која била намерата на лицето да доаѓа во училиштето за време на настава, кој бил мотивот да им дава пари на ученичките и зошто децата панично реагирале и случајот веднаш го пријавиле кај наставничката.