Македонија
2. January 2016 - 16:32

Иванов: Со своите бомби Заев и СДСМ ги уриваат институциите и државата, а не ВМРО-ДПМНЕ

Бомбите на опозицијата го уриваа системот и државата, а не ВМРО ДПМНЕ вели Љубисав Иванов Ѕинго, политичар со најдолг стаж во државата, во интервју за весникот „Вечер“.

Иванов има 60 години искуство во политиката.

Госпо­дине Иванов вие сте политички активен повеќе од 50 години, дваесетина години сте Претседател на Социјалистичката партија на Македонија, истовремено сте успешен стопанственик, од овие позиции како ја оценувате изминатата 2015 година?

Македонија ја заврши една од најтешките и најбурни години од осамостојувањето, година на големи политички потреси, година на изместени вредносни критериуми и година што несмее да се повтори. 2015 ќе остане запаметена по обидот за вонинституционално превземање на власта преку недемократски методи во име на Слобода и Демократија, но истовремено ќе биде запаметена и по мудроста, смиреноста и патриотизмот на Македонскиот народ, ќе биде запаметена и по прогресот, економските резултати, вработувањата и бегалската криза. Со еден збор многу турбулентна, политички нестабилна, но економски успешна година. Велите дека годината која завршува ја одбележал обидот за вонинституционално превземање на власта, на кого точно мислите, и кој мислите дека стои позади еден ваков обид? Сите ние сме сведоци на една долго организирана операција на девалвирање на изборните резултати и на демократските капацитети на нашата држава, преку разни невладини организации, преку извештаите на ОБСЕ, преку јавни настапи на домашни и странски политичари и таканаречени експерти се креираше слика и приказна за недостаток на Европските вредности во Македонија. Оваа добро осмислена стратегија започна да се реализира во 2011 година, продолжи 2013 и 2014, за да ескалира во годината која е зад нас, ескалираше на начин и со методи кој се незапамтени во демократските земји во Европа, преку укинување на основните права на граѓанинот, право на приватен живот, заштита на личните податоци, обиди за наметнување на цензура на медиумите, напади на новинари и медиуми итн. На вашето прашање кој стои зад ова неможам да дадам точен одговор, но секако дека стојат структури надвор од нашата држава кои во Македонија најдоа извршители и сојузници за реализација на своите планови.

Политичката криза започна со објавување на таканаречените бомби од опозицијата и барањето на оставка од Владата на Република Македонија, кој е вашиот став во врска со објавувањето на овие бомби?

Објавувањето на бомбите има три димензии. Првата е дека една група на луѓе, поттикната од материјална корист се организирала, го пробила безбедносниот протокол во МВР и за нарачателот со години снимала и му испорачувала снимени разговори од политичари, стопанственици, новинари, студенти, професори и други профили на граѓани, за да во еден момент нарачателот им ги предаде овие снимки на СДСМ поточно на нивниот лидер Заев. Оваа работа во меѓувреме беше откриена, дел од учесниците го признаа делото и во тек е судски процес кој се води против останатите учесници во овие незаконски дејанија. Втората димензија од овие бомби е дека тие беа бесправно, незаконски емитувани, пред очите на целата Македонска јавност, во име на демократијата и борбата против корупција, а всушност нарушувајќи ги основните демократски права на стотици граѓани кој биле снимани на незаконски начин. И третата димензија на овие бомби е нивната злоупотреба во политички цели преку креирање на негативна енергија во општеството, преку создавање на незадоволство и бес кај граѓаните да дојде до ескалација на состојбите во државата и насилно превземање на власта.

Велите дека ова е добро осмислена и реализирана операција, што мислите дали оваа однапред планирано сценарио ги постигна зацртаните цели…

На оваа прашање ќе одговорам и да и не. Од една страна ги постигна целите, бидејќи Македонија беше девалвирана како држава пред светската јавност, во Македонија се донесоа закони набрзина прикрпени, без јавна дебата, во договор на четири партии и во најголем дел противуставни. Се измислија институции кои делуваат надвор од системот како Специјалното јавно обвинителство, се ревидираа институции како ДИК, на чија што работа никој немаше забелешки, се внесоа министри во Владата кои се целосно непродуктивни, со еден збор почна да се руши правниот поредок на државата, почна да се девалвираат инстуциите и се загрози уставот и основните начела на владеењето на демократијата во Македонија. Во овој дел нарачателот и организаторот на оваа политичка криза успеа да ги реализира делумно своите цели. Од друга страна нивниот план не се реализира во целост бидејќи Македонскиот народ, и останатите етнички заедници во Македонија ја прочитаа оваа валкана игра, не дозволија да бидат заведени и да бидат дел од едно вакво сценарио, Македонскиот народ е мудар народ, и со своето однесување не дозволи ескалација на состојбите и целосна реализација на зацртаниот план.

Во екот на најголемата политичка криза, се случија немилите настани во Куманово, дали мислите дека овие две случувања се поврзани едни со други.

Многу тешко е да се одговори на оваа прашање во овој момент, судскиот процес и истрагата можеби ќе ни дадат повеќе и поточни одговори на оваа дилема. Факт е дека во периодот на објавување на бомбите имало план од една екстремистичка групација да врши терористички напади низ нашата држава, овие напади би предизвикале дополнителен притисок врз Владата на Република Македонија, составување на експертска влада и нов рамковен договор. Ако тргнеме од овие претпоставки произлегува дека корист од ваквото сценарио би имала опозицијата, во недостаток на докази некоректно е да се шпекулира со една ваква теорија, но сомнежот останува.

Како резултат на бомбите, протестите на опозицијата и кумановските настани се потпиша Договорот од Пржино, како го оценувате овој договор?

Овој договор требаше да води кон смирување на состојбите преку градење на доверба и мостови помеѓу партиите, меѓутоа самиот договор и посебно имплементација на истиот одеше во еден сосема друг правец. Како резултат на договорот се донесоа противуставни закони и како резултат на договорот се носеа законски и потзаконски акти со кои се поткопува националната легислатива. Македонија има свој судски систем веќе 70 години, и покрај сите слабости кои се присутни во оваа област, но слабости кои ги има и во други држави, се наметнаа решенија со кои се понижи и Јавното обвинителство и судиите во целост. Сите ад хок закони кои се донесоа како резултат на Договорот од Пржино, се неиздржани и потценувачки за нашата држава, но најважно е дека нема да се ефикасни и како такви ќе бидат укинати за неколку години. Од друга страна имплементацијата на овој договор не водеше кон смирување на состојбите туку кон продолжување на политичката борба со цела жестина не бирајки средства и методи.

Договорените обврски кои произлегуваат од договорот се завршени во целост, останува уште оставката на премиерот, но опозицијата постојано поставува нови услови и уценува со одложување на изборите?

За да ја сфатиме оваа игра, мораме да ја сфатиме суштината на проблемот, во 2011 година опозицијата сфаќа дека неможе да дојде на власт преку демократски средства со натпревар на идеи и програми и одлучува да изгради стратегија за компромитација на изборните резултати и демократските капацитети на Владата, на начин и со методи за кои говорев погоре. Од тој момент тие одлучуваат да не ги признаат било кои избори во кои тие не се победници, одлучуваат да не ги легитимираат изборните победи на другата страна, и да не учествуваат на избори освен ако не се сигурни дека ќе победат. Бидејќи тие во овој момент се свесни за тоа дека ќе доживеат тежок изборен пораз ако има избори во април, ќе направат се избори да нема или ако има да има такви избори кои нив ќе им гарантираат победа без оглед на расположението на гласачите.

Каде вие го гледате излезот од оваа политичка криза?

Според мене има два начина како да излеземе од оваа неодржлива состојба. Првиот е преку одржување на изборите во април согласно договорот од Пржино, избори на кои ќе учествуваат сите кои што сакаат да учествуваат, со кои ќе се потврдат демократските капацитети на државата и ќе се избере влада која што ќе ја подржуваат мнозинството на Македонци. Втората опција е да се избере нова влада без таканаречените технички министри и да се одржат избори во својот редовен термин 2018 година. Сите други варијанти би биле многу опасни за државата и би воделе кон хаос со несогледиви последици и врз стабилноста и безбедноста на Грѓаните и врз суверинитетот на Македонија.

Овие денови се отвори една голема афера, таканаречената Фабрика за афери, како вие гледате на ова?

Сведоци сме на откривање на неверојатни методи и планирани сценарија на опозицијата, целата оваа афера е во поткрепа на сето она што го говорев погоре, ова е само дел од сценариото за девалвирање на изборните резултати. Истовремено креирањето на фалсификати со кои би се компромитирале изборните резултати на претходните избори е тешко кривично дело, креирање и фалсификување на патни исправи, банкарски сметки, банкарски трансфери, поседување на лични податоци на стотици илјади граѓани се исто така тешки кривични дела. Дистрибуцијата на 70.000 телефонски разговори на една криминална група е скандалозно, нечовечно, недемократски и противзаконито. На овој начин опозицијата ја компромитираше веродостојностана и автентичноста на сите досега објавени бомби.

Да преминеме на некои други теми, решавањето на името или нови отстапки кон Албанската заедица надвор од Рамковниот договор, би можеле да бидат некои карајни цели на политичката дестабилизација на Македонија, ваше мислење за ова?

Ако се ова мотивите за политичката криза, а возможно е да се, мислам дека креаторите или нарачателите на истата имаат направено погрешна политичка процена, овие процеси според мене само не одалечуваат од решение за името и од меѓуетничкиот соживот. Во спорот со името оваа влада покажа максимална конструктивност, но во една фаза кога другата страна одбиваше било какво решение, прогрес беше невозможен. Со промените во Грција се надевам дека ќе има поискрен пристап од нивна страна, и по евентуалните избори во Април верувам дека Груевски и Владата во целост ќе пристапат со уште поголем интерес за решавање на оваа прашање. Од друга страна оваа политичка криза им штети и на двете Албански партии и на албанците во целост, само во мирни услови низ демократски процеси може да се направат промени или концесии кои нема да ги исфрустрираат граѓаните, и нема дополнително да го поларизираат општеството по национална основа.

Бегалската криза во еден момент се закануваше да стане голем проблем за нашата држава, дали мислите дека ризиците од истата се поминати?

Бегалската криза беше, сеуште е и ќе биде голем безбедносен предизвик за нашата држава, во овој момент бегалската криза не е само проблем на Македонија туку стана и глобален проблем. Во еден момент постоеше реална опасност за голема штета врз Македонија, постоеа и некакви опасни планови на ниво на Европската унија за прифаќање на стотици илјади бегалци од страна на Македонија. За една мала држава како нашата тоа ќе беше страшен економски, безбедносен и демографски удар, од кој што немаше да можем да се оправиме со децении. Нашата влада со мудар и принципиелен пристап успеа да го релативизира и ублажи ефектот од бегалската криза, се надевам дека овој пристап ќе продолжи и во иднина.

Во услови на внатрешна политичка криза Македонија на економски план имаше солидни резултати, вие како долгогодишен стопанственик каква оценка би дале за економските состојби во државата?

Годинава имавме малку помал економски раст од планираниот, што во услови на ваква криза е извонреден резултат, со паметна фискална и монетарна политика успеавме да ја задржиме макроекономската стабилност на земјата и добра кондиција на буџетот. Добро е што индустријата расте, градежниот сектор е во експанзија, инфракструктурни објекти се градат, енергетски капацитети се исто така во изградба, нови економски инвестиции секојдневно се реализираат, сето ова е добра основа за оптимизам за економијата и во наредниот период. Една од најголемите придобивки е зголемувањето на вработеноста, новите работни места се најважниот приоритет на оваа а би требало да биде и на секоја наредна влада.

Социјалистичката партија постојано инсистира на нови вработувања, социјални мерки, и посебен фокус на земјоделието, какви се вашите предвидувања за овој сектор?

Владата на Груевски во која ние го имаме секторот на Земјоделие, направи извонредни мерки, програми и резултати во овој сектор, имаме 112 милиони евра директни субвенции за земјоделците, и овој износ од година во година расте. Инвестиции во нови хидросистеми за наводнување, браната Злетовица е завршена, започнува изградба на две нови брани Конско и Речани, во моментот се реализира проектор Вардарска долина, ваков инвестициски циклус во Земјоделието никогаш немало. Постојано се работи на осовременување на земјоделското производство, на воведување на нови технологии и знаења, преку неколку програми се овозможува набавка на ефтина механизација. Во кратки зборови Земјоделието во Македонија оди со крупни чекори напред.

И за крај кои се вашите очекувања од новата 2016 година во Република Македонија?

Очекувам разрешница на политичката криза, очекувам релаксирање на политичките односи, очекувам ревидирање на политичката стратегија и политичките приоритети на опозицијата и очекувам нормализација на вкупните состојби во државата. Истовремено мислам дека Македонија идната година ќе има уште подинамичен економски раст, ќе има нови инвестиции, нови вработувања што од друга страна ќе допринесат за подобар живот и повисок стандард на граѓаните. Воедно ја користам оваа прилика да им ја честитам Новата година на сите граѓани на република Македонија и им пожелувам многу здравје, успех и среќа во новата 2016 година.