Балкан
20. March 2022 - 17:03

Анализа од Бугарија: Што носи системот „Вињети“ и дали е подобар од патарините?

На речиси 5000 продажни места во Бугарија со плаќање 45 евра се добива годишна пропусница за користење на сите бугарски патишта. Системот на вињети кој има децениска примена во оваа земја денес е поедноставен од кога било. Нема лепење налепници и стругање, нема чекање на граничните премини, ниту застој на наплатните места.

Бугарија со елетронскиот систем за наплата кој стапи во сила на 1ви јануари 2019та стана една од помодерните држави во делот на евиденција и контрола на давачките за користење на патната инфраструктура.

И да не ве сопре контрола, тоа лесно ќе го направат камерите кои ги има на сите регионални и магистрални линии. А казната ќе ви стаса на домашна адреса.

Според податоците од министерството за транспорт лани, бугарската Агенција за патна инфраструктура инкасирала скоро 220 милиони евра (219 363 805 евра). Од нив 43 милиони (43 058 380) евра одат за плати, придонеси, гориво и одржување на Националната управа за патарини. 

Но дали и овој систем ја донесе државата поблиску до целта- европски и модерни патишта?

Нашиот прв соговорник од Институтот за патна безбедност вели дека системот има слабости кои создаваат незадоволкство кај голем дел од граѓаните. Некој вози многу, а некој малку, но сите плаќаат исто.

-Системот на вињети сама по себе не е лоша, но не е спроведлива зашто некој вози повеќе, друг помалку, а сите плаќаат еднакво. Некој два пати во годината оди на море, друг секој ден оди на море, вели Милчев.

Милчев смета дека проблемот е што парите завршуваат во погрешен џеб.

-Кај вас сите плаќаат многу скапо и пак патиштата се лоши. Во Бугарија плаќаме, едни евтино, други скапи. И пак патиштата се лоши. Т.е. проблемот се кажува копупција, вели Богдан Милчев од Институтот за патна безбедност.

Ги прашавме бугарските граѓани дали се задоволни од патиштата коишто ги користат. Иако плаќаат само 45 евра годишно за вињети, ретко кој би платил повеќе за да добие подобри патишта.

Од пред нешто повеќе од една година Бугарија воведе и т.н. тол систем за товарните возила. Тие сега плаќаат според изминат километар, а мерењето се врши електронски. Со ова камиони треба да платат повеќе бидејќи најмногу ги амортизираат патиштата.

Но, познавачите велат дека овој нов систем не ги дал очекуваните резултати.

-Се очекуваше приходите да бидат околу 1 милијарда (лева) од тол таксите. Но, тоа не се оправда. Инаку, парите кои се неопходни за поддршка на патиштата се уште се малку. Камионите и тешките товарни возила се тие кои ја амортизираат патната инфраструктура и се уште има на што да се работи, вели новинарот Иво Никодинов.

За разлика од Македонија, во Бугарија нема исклучоци кога станува збор за наплатата на вињети. Тие удираат по сечиј џеб. Дури и по оној на политичарите.

-Последните податоци од македонското Собрание говорат дека за само 9 месеци лани исплатиле 193.000 евра. Доколку споредиме со Бугарија, бугарските народни избраници имаат право на стан и карти за автобус или воз. Но, доколку сакаат да пристигнат со сопствен автомобил, тогаш парите за вињети ги даваат сами.

Бугарија и Словенија се единствените земји во регионот кои наместо патарини користат систем на вињети.  Словенија премина на ваква наплата од 2008-ма година. Таму една година на нивните патишта чини 121 евро. Од поблиските европски држави вињети има и во Астрија каде чинат 109 евра и Унгарија со 146 евра за 12 месеци возење. Преведено во македонски услови, тоа е колку што за еден месец плаќа Велешанец кој работи во Скопје.

Но економските експерти сметаат дека во земјава се вложени премногу средства во изградбата на наплатни рампи за преку ноќ да се донесе одлука за радикална промена.

-Кога ги имате веќе патарините направено, сметам дека вињетите не се добра опција. За граѓаните кои и оние почесни корисници на автопатиштата можеби вињетите би одговарале повеќе, меѓутоа, за оние кои почесто ги користат сметам дека системот на патарини е подобар, вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Македонија се уште се држи до системот- колку користиш толку плаќаш. Електронска наплата преку МТАГ засега има само на Коридорот 10. До крајот на годината се очекува М-ТАГ да проработи и на Коридорот 8, но план за промена нема.

- И како препорака на Европска унија веќе да се тргнеме од тој модел со вињетки, да се почне со новиот модел – тоа е електронско плаќање. И второто, да не биде никој дискриминиран, туку да биде како девиза „колку користиш, толку плаќаш“. И затоа ние ги имаме усвоено овие методологии каде што мислиме се најправедни. Кадешто секој што ќе користи толку и ќе плаќа, вели директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.

ЕУ планира укинување на системот на вињети за тешките товарни возила. Станува збор за еколошка мерка која има за цел да ги намали емисиите на ЦО2. Европскиот парламент одлучи државите да го напуштат системот на вињети за нив и да воведат наплаќање според изминат километар.