Loading Video...
Балкан
27. October 2024 - 16:57

Бугарија гласа: Седми парламентарни избори за помалку од 4 години

Бугарија денеска гласа на шестите по ред парламентарни избори, вкупно седми по последните 3 ипол години. Вкупно 26 листи се борат за едно од 240те места во бугарскиот парламент. 

Според сите анкети најголема доверба ужива партијата на Бојко Борисов. Се очекува да освои нешто под 80 пратеници што е далеку од можноста сами да формираат Влада .За второто место ќе се води тесна трка меѓу коалицијата Движење за права и слободи и Промените продолжуваат на екс премиерот Петков.

Сите анкети спроведени во последните месец дена најавуваат прилично слаб одѕив кој се очекува да се спушти и под оние рекордно најниски 33% од претходните избори. Во таа апатија својата шанса ја гледа и ултра националистичката Преродба која спроед анкетите може да биде дури и втора партија веднаш зад Герб на Борисов.

Процесот на формирање на Влада се очекува да оди прилично тешко имајќи ги предвид односите меѓу политичките партии кои оставаат тесен простор за постизборни коалиции.

Граѓаните се песимисти дека ќе се формира стабилна Влада иако не кријат дека го посакуваат тоа.

Слични желби има и техничкиот премиер кој гласаше утрово.

Меѓу оние кои посакуваат стабилна Влада во Бугарија е и Македонија. Земјава се надева дека со новата власт на источниот сосед ќе може да се договори за предлогот кој по преземањето на власта го форсира премиерот Мицкоски за уставни измени со одложено дејство. Тој вчера му посака и среќа на Борисов со кој заедно членуваат во европската народна партија. 

Односните меѓу Македонија и Бугарија се на прилично ниско ниво а дополнително се заладија на стартот на кампањата кога земјава беше една од темите на кои бугарските политички актери привлекуваа гласачи.