Loading Video...
Свет
3. May 2024 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Лидерот на палестинската исламистичка организација Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, и понатаму има три барања во преговарачката понуда за договорот за заложниците, објавија медиумите.

Ал-Синвар сè уште бара загарантиран крај на војната. Израел тоа барање досега го отфрлуваше. Воедно побарал и Израел да не го спречува враќањето на палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени во замена за заложниците земени од Израел.

Според извештајот, во Израел се претпоставува дека Хамас нема да даде јасен негативен одговор на предлогот поради меѓународниот притисок.

Египетските посредници, со поддршка на САД, во моментов се обидуваат да постигнат договор. Египетската државна телевизија Ал-Кахира њуз објави дека делегација на Хамас треба да пристигне во Каиро во следните два дена за продолжување на преговорите.

Израелската влада најави дека во брзо време ќе започне офанзива во Рафа на југот на Појасот Газа, на границата со Египет, доколку не се постигне договор.
Русија ги засилила нападите во правец кон Авдејево, соопшти утринава Генералштабот на вооружените сили на Украина, наведувајќи дека украинските сили во изминатите 24 часа одбиле 50 руски напади на тој дел од фронтот.

Руските сили се фокусираа на неколку сектори на фронтот во Донбас. Во правец кон Бахмут, украинските сили одбиле 22 руски напади, а во изминатите 24 часа на линијата на фронтот се случиле 134 судири.

Бројот на загинати од обилните дождови во најјужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 29, соопштија локалните власти во четвртокот вечерта (2 мај), додека државната влада прогласи состојба на јавна катастрофа за да се справи со драматичната ситуација.

Невремето, предизвика најголемото уништување во последниве години.60 лица се исчезнати, а 10.242 раселени во 154 градови, според цивилната одбрана на Рио Гранде до Сул. Многу работа имаат спасувачките служби за да стигнат до населението кое бара помош од надојдените води. 

Поплавите во Рио Гранде до Сул се само најновите природни катастрофи што го погодија Бразил во последните години. Државата беше погодена од тропски циклон минатиот септември, во кој загинаа повеќе од 30 луѓе.

На другиот дел од Бразил атмосферата е сосема поинаква. На познатата плажата Копакабана во Рио де Жанеиро се вршат последните подготовки за настапот на поп-ѕвездата Мадона која со саботниот концерт ќе ја затвори светската турнеја. 

Обожаватели на Мадона се подготват за настапот на песочните брегови на плажата Копакабана, а организаторите очекуваат еден милион луѓе посетеност како на Ролинг Стоунс, Род Стјуарт и Лени Кравиц.