Loading Video...
Свет
15. May 2024 - 19:43

Атентат врз словачкиот премиер

Со неколку прострелни рани, премиерот на Словачка, Роберт Фицо се бори за живот во болница во словaчкиот град Бањска Бистрица. Од владиниот кабинет тврдат дека станува збор за атентат врз премиерот, кој по излегувањето од владин состанок во градот Хандлова беше неколку пати застрелан од огнено оружје, по што е веднаш ставен во возилото. 

„Денеска, по владиниот состанок во Хандлова, имаше обид за атентат врз премиерот на Република Словачка, Роберт Фицо“, се вели во објавата на владата на социјалните мрежи.

Поради сериозноста на повредите Фицо со хеликоптер е пренесен во болница. Лекарите велат дека се наоѓа во животозагрозувачка состојба. 

Фицо бил застрелан кога излегол од зградата од состанокот да ги поздрави граѓаните. Сведоци велат дека нападот се случил кога сакале да се поздрават со него. 

Веднаш по атентатот словачката претседателка го осуди бруталниот напад врз премиерот Фицо.

И претседателката на Европската комисија го осуди нападот врз словачкиот премиер. 

„Силно го осудувам злобниот напад врз премиерот Роберт Фицо. Ваквите акти на насилство немаат место во нашето општество и ја поткопуваат демократијата, нашето најскапоцено општо добро. Моите мисли се со премиерот Фицо и неговото семејство“, напиша претседателката на ЕК на твитер.

Напаѓачот на премиерот Фицо е веднаш уапсен од полицијата. 

Претходно словачкиот премиер беше обвинет од Западот дека се приближува кон Русија, а по неговиот реизбор за премиер минатиот октомври преку низа забелешки беше обвинет од медиумите дека ги влошил односите помеѓу Словачка и соседна Украина.