Свет
24. December 2019 - 9:47

Столтенберг подготвен да се сретне со Путин „во правилен контекст“

Во интервју за германската новинска агенција ДПА, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател, Владимир Путин „во правилен контекст“.

Иако е единствена западна организација која предвидува дијалог на највисоко ниво со Русија преку Советот НАТО – Русија, односите на Северноатлантската алијанса со Москва се речиси целосно замрзнати од руската анексија на Крим и почетокот на војната во Украина каде Русија ги поддржува сепаратистите.

– Верувам во дијалог со Русија и затоа доколку контекстот е правилен се разбира дека сум подготвен да се сретнам со претседателот Путин, изјави Столтенберг за ДПА.

Тој додаде дека е „подобро да се сретнуваме отколку да не се сретнуваме и да седнеме и дискутираме, посебно кога работите се тешки важно е да седнеме заедно на иста маса“.

– Русија е нашиот најголем сосед, Русија ќе продолжи да постои и мораме да се трудиме да имаме подобар однос со Русија, но дури и без подобрен однос треба да менаџираме тежок однос со Русија, наведе Столтенберг.