Запален објект и три автомобили во Куманово,албанската опозиција ја повика меѓународната заедница да реагира
Деловен објект на советникот во општина Куманово, Фитор Јакупи беше запален синоќа по полноќ, запален беше и автомобилот на обвинителот Џелал Бајрами, но и уште две возила во Куманово.
Ова е опожарената фотокопирница на советникот во општина Куманово, Фитор Јакупи која била запалена некаде три часот по полноќ. Според кажувањата на присутните вратата била скршена и однадвор била фрлена некој вид на направа која ја запалила просторијата.
Советникот од редовите на ДУИ, Јакупи и самиот објави фотографии од изгорениот објект и напиша:
- „Ве известувам дека денеска во раните утрински часови околу 3:05 часот од црна рака (на непознати лица) мојата приватна канцеларија во Куманово беше опожарена“, напиша Јакупи во својата објава
Обвинителот Џелал Бајрами пак, чие возило беше исто така запалено синоќа во Куманово, вели дека не се сомнева во никој и дека најверојатно станува збор некои криминални групи или пиромани, но смета дека настаните не се поврзани еден со друг. Бара полицијата да го разреши случајот.
Од МВР потврдуваат дека се запалени две возила ауди и еден фолксваген пасат и еден деловен објект.
Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Дежурен јавен обвинител од ОЈО Куманово извршил увид на локациите каде беа опожарени возилата и објектот, известија од обвинителството.
Прибрани се траги од самото место, кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор.
Реагираат од ДУИ- настаните синоќа во Куманово се доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби.
Демократската унија за интеграција повикува на итна интервенција од меѓународната заедница. Само меѓународен притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, која ја загрозува мирот и стабилноста во земјата, велат од опозициската партија.
Со реакција и од Алијанса за албанците.
- „За жал, како и во минатото така и сега, Куманово повторно е избрана за арена за опасни сценарија и следен удар врз Албанците. По последователни настани, изјави започнати во текот на кампањата, владини одлуки, инциденти за време на празникот 28 ноември и сега со палењето на имотот на албанци во Куманово, јавно прашуваме кој стои зад целата оваа кампања и кој си игра со оган? Можеби таканаречениот „српски свет“, заедно со нивните слуги во Северна Македонија, сакаат слична дестабилизација како што се обидоа пред неколку денови во Косово“, нагласуваат од оваа партија.
Според информациите за интервенциите на пожарникарите, речиси сите биле во исто време синоќа.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар