Македонија
2. December 2024 - 16:41

Не само во Челопек министерката Јанева најави вонредни инспекции и во други училишта каде деца носеле симболи на УЧК

Не само во училиштето во Челопек, деца носеле симболи на УЧК за време на приредбите за прославата на албанското знаме и во две училишта во Тетово, и во едно во Чаир и Струга. Во министерството за образование добиле пријави со фотографии и докази, соопшти министерката Јанева. Таа изјави дека во сите ќе бидат направени вонредни инспекциски надзори од страна Државниот просветен инспекторат.

- Очекувам да се вратат инспекторите од терен со првични информациои и да ги подготват записниците, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Од ДУИ ја обвинија министерката Јаневска за двојни стандарди, бидејќи деца за време на приредба во училиште во Аеродром носеле униформи на Комитите.

- Денес, Министерот за образование се заканува со санкции за едно училиште во Челопек, бидејќи децата албанци на културен настан носеле униформи кои ја симболизираат историјата и гордоста на албанскиот народ. Ова е продолжение на антиалбанските политики што се спроведуваат во последните месеци, каде што секое изразување на албанскиот идентитет и историја се напаѓа и се третира како провокација. Но, кога во едно македонско училиште во Аеродром децата носеа униформи на Комитите и изведуваа воени поздрави, немаше никаква реакција, велат од ДУИ.

Министерката им одговори дека работела согласно законите и цврсто стоела на ставот да се расчистат овие случаи.

- Војската УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. Во оваа држава, војната, конфликот, кој како сака нека го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, каков и да бил и од која причина да бил, и да ги образоваме децата, ние малите деца, тоа се мали деца од видеото што го гледавте, ги учиме на воинственост, на држење оружје, некакви позиции на стрелање, дополнително на нешто што не е поврзано со нашата историја, истакна Јаневска.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа дека ученици во Основното 7 март во Челопек за време на прославата за 28 ноември денот на албанското знаме носат униформи со симболи на УЧК,во рацете држат импровизирани пушки и се наместени во позиција за пукање.