Се крадела ли струја во подрумот на ГТЦ за копање биткоини? Компјутерите ноќеска мистериозно исчезнаа
По вчерашниот случај со пријавата за копање криптовалути и кражба на струја во магацините во ГТЦ, нема конкретни дејства од страна надлежните. Директорот на ГТЦ е недостапен за медиумите, иако вети дека ќе покрене иницијатива за расчистување на случајот. Закупците на магацинот исто така останаа без коментар.
Случајот го покрена и прашањето за потрошувачката на струја, која значително е зголемена во нашата држава поради т.н. „копање“ криптовалути. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека сè почеста е појавата на крадење струја за таа намена.
Од ЕВН потврдуваат дека сè повеќе поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за струја, а казните за приклучок на диво може да достигнат до 5 години затворска и плус парична казна.
„Последиците од нелегално користење на струја за копање криптовалути се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците на кои им се нарушува нормалното снабдување. Досега се откриени десетина случаи и тоа најчесто во Скопскиот и Тетовскиот Регион, но имаме информации и за локации низ целата држава. Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството“, велат од ЕВН.
Во конкретниот случај со ГТЦ, од ЕВН велат дека внатрешната инсталација не е во нивна сопственост и надлежност и дека менаџирањето на потрошувачката на закупците е во целосна надлежност на ГТЦ.
Дуќанџиите од ГТЦ подолго време се жалат на високите сметки за струја. Тие немаат поединечни броила, туку сетката за струја трговскиот ја дели на закупците и им прелсметува паушал согласно големината на дуќаните.
Вчера, по пријава од страна на физичко лице, МВР излезе на терен да провери дали има нелегален приклучок на струја, од каде информираа дека направиле увид со претставници на ЕВН и ГТЦ констатирале дека не постојат елементи за сторено кривично дело.
Во меѓувреме, машините за т.н. „копање“ криптовалути се дислоцирани од магацинот во текот на ноќта.
Реакција за случајот стигна и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера полицијата и Оливер Спасовски ги сокрија дивите копачи на криптовалути во јавното претпријатије ГТЦ, каде што изминативе 4 години под палка на СДСМ, краделе струја и користеле простор и струја од ГТЦ, да се обогатат со стотици илјади, а можеби и милиони евра преку копање на криптовалути. Аминувањето на ова крадење струја од страна на коалиционите партнери на Зоран Заев информациите говорат дека се на семејството Бајрам кои што се во коалиција со СДСМ. Очигледно е дека е подржано од директорот на ГТЦ и од претседателот на одборот на директори на ГТЦ“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата бара одговор зошто се дислоцирани машините ако е сè легално?
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар