Се уште нема никаква одговорност за смртта на 14 месечното бебе од Гошинце
Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле работи без сертификат за акредитација. Иако веќе една година е унапредена од секундарно на терциерно ниво на здравствена заштита, случајот со смртта на 14 месечното бебе ги извади на површина недостатоците на установата. Не функционираат како клиника и немаат соодветна апаратура како што беше посочено и во извештајот од стручниот надзор. Инаку согласно законот за здравствена заштита, акредитацијата е задолжителна.
1. По однос на вашето прво прашање дали Клиниката за респираторни болести кај децата Козле е акредитирана ЗУ, Ве известуваме дека истата во моментот нема статус на акредитирана ЗУ. Во минатото оваа ЗУ имаше статус на Институт по белодробни заболувања кај децата и беше два пати акредитирана:
- 18.07.2016 год. со важност од една година и
- 27.07.2018 год. со важност од три години.
Согласно член 243 од Закон за здраствена заштита , акредатицијата е задолжителна и се врши на барање на здравствената установа.
И покрај нотираните забелешки од стручниот надзор за смртта на 14 месечното бебе, од Козле и понатаму остануваат на ставот дека тие ги презеле сите мерки за време на третманот. Од друга страна, пак, министерот за здравство побара од Лекарската комора конкретни мерки и за двете установи каде било третирано бебето.
-Во врска со случајот за кој се интересирате во Комората досега се одржаа неколку состаноци со членовите на различни тела. Со оглед на тоа што некои од докторите кои се членови на телата, оваа недела не се во земјава, очекуваме во текот на наредната недела да биде завршена целокупната постапка, ни одговорија од ЛКМ.
Комисијата за стручен надзор утврди дека на Детска направиле превид за потребата од хоспитализација на бебето на 3 октомври, додека, пак, во Козле имало несоодветна проценка за тежината на состојбата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар