Македонија
31. October 2024 - 16:31

Реакции по извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија

Овогодишниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија треба да се земе со доза на резерва- беше преодна година на избори, немаше голем напредок на ниту едно поле, но и новата Власт имаше малку време да направи некакви промени, смета директорот на МЦМС, Александар Кржаловски. 

ЕУ и натаму нотира во извештајот дека треба да го исполниме условот на кој сме се согласиле- уставните измени, нешто за што Кржаловски смета нема доволно напори од двете страни да се надмине како проблем. Во проекциите на ЕУ за проширување, Македонија од земјите од регионот не се споменува до 2030 година.

И директорката на Институтот за европска политика, смета дека Извештајот може различно да се толкува од политичките партии со оглед на тоа што имаше смена на Влади оваа година. Како клучни пораки кои ги истакнува Кацарска од Извештајот се- неопходноста на носење уставни измени за да се одржи Втората меѓувладина конференција но и немањето напредок во борбата со корупцијата кое е клучно за отворање на првиот кластер. 

Околу загриженоста на Брисел по најавите за распуштање на Судскиот совет и советот на јавни обвинители, Кацарска смета дека распуштање на советите е спротивно од реформската агенда, а според Кржаловски Владата и ЕУ ќе најдат компромис околу ова прашање. 

Борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформи во правосудството се областите каде Македонија не бележи напредок или сепак има мал напредок според последниот извештај на Европската Комисија, слично како и изминатите години.