Македонија
31. October 2024 - 16:29

Завршува „есенската кошница“ – граѓаните стравуваат од драстичен скок на цените

Од утре завршува владината мерка – есенска кошница која ја ограничи бруто профитната маржа на 73 основни производи. Се очекува маркетите од наутро да ги променат цените на рафтовите.

Граѓаните не се оптимисти, стравуваат дека цените драстично ќе скокнат.

Владината мерка беше донесена во втората половина на септември со цел да го заузда растот на цените на производите. Податоците од последната Синдикална кошница покажуваат дека цените на храната и пијалаците за еден месец, по стапувањето на владината мерка во сила, се намалиле за близу 1.000 денари. Но поради поскапувањето на ставките за облека и обувки, како и за комуникации, транспорт и хигиена, вкупната синдикална кошница се намали за само 57 денари. 

Од владата веќе најавија дека вакви кошници ќе се прават во различни периоди од годината. Министерот за економија веќе кажа дека доколку во наредниот период цените во маркетите драстично се зголемат, тогаш властите ќе донесат нови поригорозни мерки. 

Но во Владата нема едноумие околу економски непопуларната мерка. Министерката за финансии уште кога се носеше мерката која вечер завршува кажа таа е против замрзнување на цени и маржи.