Македонија
2. February 2016 - 12:44

Рот: Политичката криза мора веднаш да се реши, не губете време

Соработката со Македонија во делот на миграциската криза, нема да донесе политички отстапки за земјата во однос на евроинтеграцискиот процес. Договорот од Пржино мора да се исполни целосно и да се имплементираат сите мерки за слободни и фер избори во април. На вас е да ја завршите вашата домашна работа. Не губете време, порача денеска во Скопје државниот министер за Европа во Германското МНР, Михаел Рот.

- Вратата на ЕУ е отворена за вашата земја. Од вас зависи брзината на пристапниот процес. Ако испорачате резултати во однос на реформската агенда и ЕУ ќе ги исполни своите ветувања. Второ, на Македонија и е потребна ЕУ, но и ЕУ има потреба од Македонија, особено овие денови. Посветени сме блиску да соработуваме за миграциските прашања, но тоа не значи дека ќе има политички отстапки во однос на пристапуавњето во ЕУ. Политичката криза во вашата земја мора веднаш да се реши. Нашите очекувања се многу јасни во однос на политичкиот договор. Преостанато е ограничено време да се имплементираат мерките за одржување фер и слободни избори во април, рече Рот на дебата со група на студенти на Правниот факултет при УКИМ организирана од Фондацијата Фридрих Еберт.

Во однос на имплементацијата на Договорот од Пржино и реформите, оцени дека тие се далеку од тоа каде требало да бидат досега, а многу рокови и можности се пропуштени. Работата на Специјалната јавна обвинителка, вели, е опструирана неколку пати, реформата на медиумите не е ниту започната, а исто така и прочистуивањето на Избирачкиот список требало да почне пред месеци. Дополнително, посочи, парламанетраната Анкетна комисија за случајот со прислушувањето се уште не ја почнала својата важна работа. 

- Две важни и многу чувствитечни прашања се уште не се адресирани. Првото, прочистувањето на Избирачкиот список и реформата на медиумите. Мојата порака е завршете ја домашната работа. Времето тече. На 19 и 20 февруари очекуваме фер проценка со цел да одлучиме дали се можни избори на 24 април. При тоа не зборуваме за избори, туку за фер и слободни избори, рече Рот.

Според него, целосната имплементација на Договорот од Пржино ќе овозможи да се ревитализира евроинтеграцискиот процес.

- Знам дека патот до членството во ЕУ е долг, напорен и исцрпувачки и ја разбирам вашата фрустрираност. Ваше право е да бидете нетрпеливи, но во исто време ваша обврска е јавно да го изразите својот став и да бидете дел од овој процес. Зборуваме за промени кои бараат ангажман од Владата, но и од граѓаните. Преговорите не се само технички процес во кој се вклучени политичките елити и правните експерти. Пристапувањето во ЕУ е проект за целото општество, и затоа ни е потребно силно и активно цивилно општетство за процесот на ЕУ-интеграција да биде успешен, рече германскиот дипломат.

Во однос за спорот за името со Грција, кое ја блокира евроинтеграцијата на земјава, Рот оцени дека охрабрувачки се последните случување во реалациите меѓу двата соседа и мерките за градење доверба и изрази уверување дека е можно да се стигне до решение кое е прифатливо за двете земји. На тој начин вели ќе биде можен консензус во Европскиот совет за отпочнување на пристапните преговори. Германија додаде останува посветена на ЕУ-интеграцијата на сите земји од регионот вклулувајчи ја и Македонија, почитувајќи го при тоа принципот на целосно исполнување на копенхачките критериуми.

За миграциското прашање, тој истакна дека покажало колку е важно да се работи заедно, а Македонија како земја од мигрантската рута, покажа дека прави се што може во однос на третманот на беглаците и успешно се справува со овој предизвик. - Блиската соработка и комуникација меѓу сите земји на тн балканска рута останува од витално значење за успешно менаџирање на миграцискиот проток. Свесни сме за притисокот што овој проток го врши врз вашата и другите земји. Германија е подготвена да ја поддржи вашата земја во вид на хуманитарна помош, рече Рот.   

ЕУ се соочува со многу прашања во моментов, а едно од комплексните е и миграциската криза, која станува и безбедноста и економска, а за која недостига солидарност од сите членки, рече германскиот државен министер. Тој посочи дека целта на ЕУ-политиката во овој контекст е да се постигнат одржливи решенија во делот на зајакнување на контролата на надворешната граница на Унијата, проширување на мандатот на ФРОНТЕКС, создавање жешки точки во Италија и Грција за скрининг на мигрантите, стабилизација на земјите на балканската рута, како и во соседството на Сирија, но и борба со ИСИЛ и решавање на причините за незиното појавување.