Македонија
4. November 2024 - 17:03

Пензионирани инспектори на МВР работеле за кланот „Грчец"

Полицијата приведе двајца Пензионирани полициски инспектори кои со години работеле како полициски кртови за криминалната група од скопски Грчец.

Од обвинителството објаснија дека пензионираните инспектори преку третото лице ја информирале криминалната група за активностите на полицијата во повеќе случаи на убиства, киднапирања и планови на полицијата. Во 2019та полицајците во име на криминалната група дури и му се заканувале на едно лице да го смени исказот а неполна година подоцна ги известиле криминалците дека полицијата ќе прави рација поради што и пропадна големата полициска акција против оваа група во јавноста позната под кодното име Планина.

Но полицјаците не запреле тука. Наредната година ги информирале криминалците и за двојното убиство во скопски Чаир. Им кажале кој се е приведен, што зборувал во полициска станица и кои инспектори го работат случајот. За сите информации биле дебело платени.

„Првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник.“ – се вели во соопштението на Обвинтиелството.

Полицијата со години се труди да ја разбие криминалната група Грчец, но засега им се суди само на неколкумина кои се на долниот дел од хиерархијата. Водачот Шеваљ Муареми се уште е во бегство а од март годинава се бара со меѓународна потерница. Осомничен е за речи си секое кривично дело од областа на насилниот криминал и трговијата со дрога.

Во април годинава беше објавено дека Муареми бил приведен во Дубаи па ослободен поради недостаток на докази, но оваа информација македонското министерство за правда не ја потврди.