Македонија
22. September 2016 - 14:55

Одбележан Меѓународниот ден на заболените од ХМЛ

По повод  22 Септември – Меѓународниот ден на заболените од ХМЛ (хронична миелоична леукемија), Здружението на ХМЛ во Македонија побара обезбедување второлиниска терапија за заболените од оваа болест. Побараа лекот Nilotinib да биде ставен на позитивна листа. 

На денешната прес-конференција претседателот на Здружението на ХМЛ во Македонија Пепо Леви нагласи дека во Македонија има плејада добри лекари и се што е потребно, но, како што рече, без лекови пациентите не можат да се лекуваат. 

- Нас ни е неопходна второлиниската терапија, која е многу скапа за кој било од нас да ја купи, а веќе е достапна во цела Европа, потенцира Леви. Додаде дека во Република Македонија денес има околу 100 заболени од ХМЛ. И статистички и во пракса, околу 30 заболени од ХМЛ во Македонија се без соодветна терапија. Тој број рапидно се зголемува секоја година.

Леви изрази надеж дека Владата и министерот за здравство повторно ќе им дадат поддршка на заболените од ХМЛ, како што тоа го направиле во 2011 година, кога го ставиле лекот Гливек на позитивна листа. 

Професорот Александар Стојановиќ од Клиниката за хематологија се осврна на лековите и на болеста ХМЛ и додаде дека се работи за заболување, кое пред 15-тина години завршувало фатално. 

- Годишно во Македонија имаме од 15 до 20 нови пациенти. Болеста главно напаѓа во средна и напредната возраст, иако напаѓа и деца, тинејџери, рече Стојановиќ. Потенцира дека од 2011 година се воведе ред во терапијата и додаде оти проблем е промената на лекот или се работи за петта генерика за пет години. 

Здружението на ХМЛ во Македонија денеска организираше и предавање на тема: „Несакани ефекти во лечењето на Хронична миелоична леукемија и значењето на нивното евидентирање и благовремено пријавување во надлежните установи“.

Меѓународниот ден на заболените од ХМЛ денеска го одбележуваат преку 109 пациентски организации од доменот на заштита на пациентите заболени од  ХМЛ во 82 држави во светот.