Обвинители вршат надзор над работата на обвинителството за организиран криминал и корупција
По наредба на државниот обвинител Љупчо Коцевски, обвинители ја чешлаат работата на колегите од обвинителството за организиран криминал и корупција. Обвинителите треба да истражат дали неоправдано се одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење.
Според Обвинителството, контрола претходно била извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители, стои во соопштението.
Премиерот Мицкоски кој јасно посочи дека е разочаран од однесувањето на поедини обвинители, по надзорот на Обвинителството и оставката на Дамева во Судски вели дека секој што нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине. Очекува справувањето со криминалот и корупцијата да биде во фокус на обвинителите.
Според експертската јавност каков ќе биде исходот ќе зависи од тоа колку тремелно ќе биде проверена работата на обвинителите. Не исклучуваат можност по надзорите да биде поведена и постапка , доколку бидат откриени недоследности во работењето. Републичкиот обвинител веќе иницирал дисциплинска одговорност за Виш јавен обвинител од Скопје кој во 4 предмети се откажал од жалба или обвинение.
До крајот на годината од Обвинителството најавуваат надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар