Македонија
4. December 2024 - 17:23

Комплексни лозинки за да нема упад во е-дневник во училиштата!

Поправени оценки, бришење на часови, недолични коментари – Кој викендот направил упад во електронскиот дневник во училиштетото “Коле Неделковски” во Велес? Дали се ученици или некој друг треба да утврдат надлежните инситутции до кого веднаш било пријавено од образовната установа. Лозинките за влез во дневникот се сменети а професорка од училиштето прва забележала дека има несоодветни интервенции.

- Нашиот наставник додека си го средува е-дневникот за изминатата недела, таа прво согледува дека и се избришани часови кои ги имала како часови, потоа согледува дека дел од оценки се сменети и во описот на оценки гледа недолични коментари. Кога таа го увидела тоа веднаш ме алармира, јас уште вечерта му се јавив на одговорниот за е-дневник во училиштето а оттаму е известен одговорниот во Министерството за образование и наука, вели Весна Стојанова Богоевска, директор на ССОУГ Коле Неделковски – Велес. 

За секој ваков случај од Министерството за образование и наука прават стручна проверка, а за последниот во Коле Неделковски велат дека е решен и воопшто не било упад туку невнимание. 

- Тоа воопшто не е упад во е-дневник. Се случило компјутерот на наставничката да биде отворен и учениците како ученици како што вообичаено се случува и не само кај нас, влегле во системот и си поиграле со системот. Е – дневникот не е хакиран и во него нема упад туку невнимание и не мислам дека е нешто премногу значајно. Инаку одговорноста е на наставниците за дневниците, вели Весна Јаневска, министер за образование и наука

За поголема безбедност и заштита, веќе стигнуваат пораки за промена на лозинката при влез во електронски дневник која е сложена, не смее да има лесно препознатливи шеми ниту пак лични податоци.