Влада најави намалување на данокот на добивка, но откако ќе види колку пари годинава ќе се слеат во буџетот
Прво ќе ја гледа буџетската сметка и приходите, па дури потоа Владата ќе одлучува дали ќе ги намали даноците. Премиерот Мицкоски вели дека данокот на добивка ќе биде прв кој ќе биде намален.
-Ќе се стремиме кон намалување на даноците, но да го видиме приходот оваа година во Буџетот. Но, прв чекор кон намалување на даноците ќе биде оној Данок на добивка којшто се плаќа сега и сите мултинационални компании коишто планираат својата добивка да ја консолидираат овде, кај нас, а таа добивка изнесува 50 милиони евра плус, ќе добијат би рекол, субвенција. И начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5%. Ако сега беше 10% фиксна, во овој случај ќе биде до 5%, вели премиерот МИцкоски.
По средба со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија, бизнисмените порачаа ќе аплицираат за 250-те милиони евра, заем од Унгарија кои Владата планира да ги вбризга во стопанството. Причината за тоа се неповолните камати од комерцијалните банки, за кои велат дека во моментот се движат меѓу 5 и 6%.
Меѓутоа, бизнисот бара да не се крати од капиталните инвестиции во ребалансот на буџетот, иако токму од таа ставка ќе се влечат најмногу пари.
-За ребалансот што ние како комора, имаме став, дека капиталните инвестиции да не се редуцираат, тукку да се зголемуваат и во идната годината да бидат поголеми зашто стопанството има профит во тој дел, вели претседателот на Комората, Менди Ќура.
Премиерот е дециден, Владата му стои на располагање на бизнисот.
-Треба заедно да работиме и дека како Влада сме целосно на услуга на бизнито. Бизниот е тој којшто треба да иницира, да предлага. Заедно во еден дијалог тие работи да ги надминуваме, вели Мицкоски.
Реализацијата на капиталните проекти и годинава е премногу ниска. За шест месеци реализирани се само 28%. Тоа и беше причината зошто во ребалансот најмногу пари ќе се одземат од капиталните проекти.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар