Заврши „есенската кошница“
Заврши мерката „есенска кошница“. Според министерот за економија, ограничените маржи дале резултат. Анализите покажале дека едно четиричлено семејство заштедило од 690 до 1.360 денари, зависно од тоа што пазареле и во кој маркет.
„Нашите анализи кои ги споделивме покажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема, како на пример лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи истото е значително поголемо, на пример месо, зеленчук и млечни производи“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Дурмиши не очекува поскапување, а ако се случи тоа, најави дека ќе преземе ригорозни мерки. Првите ефекти од Законот за нефер трговски практики тој ги очекува месецов, иако вели дека трговците имале забелешки кои ќе се разгледаат до крајот на годината.
„Се жалеа од повртат на производите. Поради тоа што во законот се предвидува да не се повратат производите што нема да се продадат. Овие тешкотии кои ги имаат ги пренесоа кај мене, остваривме состанок и ќе видиме во наредниот период да им излеземе во пресрет“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Од СДСМ, пак, велат дека замрзнатите маржи се покажале како неефикасната мерка што е последица на лошото и непромислено работење на Владата.
„Граѓаните почувствуваа само разочарување. Синдикалната кошничка се намали за симболични 57 денари - толку се „заштедило“ за еден месец. По ова легитимно е прашањето, дали ова е сериозна економска политика или само замајување на јавноста?“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Кон крајот на годината ќе има божиќна кошничка, а ќе се прават и рамазанска и велигденска. Ниту една од нив нема да трае повеќе од еден месец.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар