Недоволен напредок во делот на Заштита на потрошувачите и здравјето, забележува Извештајот на ЕК
Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на Заштита на потрошувачите и здравјето, се забележува во најновиот Извештај на Европската Комисија. Умерено подготвена или без напредок се главно забелешките на Комисијата во однос на овој дел.
– Здравствениот сектор во Северна Македонија сè уште се соочува со загуби на медицински персонал, бидејќи медицинските сестри и специјалистите кои заминуваат, се префрлаат во приватниот сектор или заминуваат да работат во странство. Ова придонесува за проблеми со пристап до специјалисти, трошоците за здравствена заштита што здравственото осигурување не ги покрива остануваат и натаму високи и сè уште недостига стручна обука за користење на напредна здравствена опрема, нотира Извештајот на ЕК.
Европската Комисија забележува дека земјата сè уште го нема ратификувано Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи.
– Нема напредок во контролата на тутунот. Институционалната и правната поставеност е поставена и е во согласност со правото на ЕУ, но не се спроведува систематски – консумирањето тутун на јавни површини и ресторани треба да се санкционира во согласност со правото на ЕУ, се вели во Извештајот.
Во делот на заразни болести, Комисијата забележува дека Северна Македонија е делумно усогласена со правото на ЕУ.
– Националната стратегија 2019-2023 година за контрола на антимикробната резистенција е во согласност со заклучоците на Советот на Европската Унија. Северна Македонија постепено закрепнува од пандемијата КОВИД-19, а бројот на позитивни случаи, хоспитализирани пациенти и смртни случаи постојано се намалува, велат од Комисијата.
Забележуваат дека се укинати повеќето превентивни мерки. Согласно податоците, 75 проценти од населението закрепнало од КОВИД-19 и сметаат дека стекнале природен имунитет, 47 отсто од луѓето примиле две дози вакцина против КОВИД-19, а седум проценти примиле трета доза.
– Има одреден напредок во делот контрола на крвта, ткивата, клетките и органите. Законот за безбедност на снабдувањето со крв е во согласност со правото на ЕУ. Нема центар за собирање плазма, ниту постројки за фракционирање на плазма, иако плазмаферезите се изведуваат во Институтот за трансфузиона медицина. Бројот на извршени трансплантации повторно се зголеми во 2021 година. Воспоставена е банка за коскено ткиво, која собира материјал што ќе се користи за трансплантација, нотира Извештајот на ЕК.
Се посочува дека здравството сè уште не е усогласено со правото на ЕУ во делот на правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита.
– За здравствените нееднаквости, програмата за активна здравствена заштита им овозможува на неколку целни групи да пристапат до здравствената заштита, вклучително и ромската заедница, а луѓето кои живеат во оддалечените области можат да добијат лекарски посети, се вели во Извештајот.
Во делот на програмата наменета за лица со ХИВ/СИДА, ЕК забележува дека има средства за тестирање и основни мониторинг тестови, а антиретровирусна терапија е достапна за сите дијагностицирани пациенти. Сепак, вкупниот буџет за превенција од ХИВ/СИДА беше намален за 40 отсто, што го загрозува третманот на луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА и напорите за превенција од ХИВ/СИДА.
-Главни корисници на овие средства се невладините организации кои работат директно со ризичните групи. Новата стратегија за борба против ХИВ допрва треба да се усвои, се наведува во Извештајот.
Финансирањето за скрининг на рак останува недоволно. Во Извештајот се наведува дека Националниот регистар за рак е функционален и редовно се обновува со нови податоци. Националната програма за рано откривање на рак е оперативна.
За Националната стратегија 2021-2030 година, во Извештајот се посочува дека ги опфаќа аспектите на менталното здравје, унапредувањето на здравјето, исхраната и физичката активност. Националните регистри за ретки болести се оперативни, а релевантните дефиниции се во согласност со стандардите на ЕУ.
Во делот на заштита на потрошувачите се вели дека земјата за следната година особено треба да ја усогласи правната рамка со правото на ЕУ за заштита на потрошувачите и зајакнување на оперативните структури кои служат за заштита на потрошувачите.
Европската Комисија препорачува земјата да ги интензивира напорите во контрола на тутунот, така што ефикасно ќе го спроведе правото на ЕУ со ратификување на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи. Извештајот на ЕК нотира дека е потребно да се обезбеди и соодветно финансирање и специјализирано знаење за рано откривање на рак и ретки болести врз основа на податоци од регистарот.
– Нема напредок во усвојувањето на новиот Закон за заштита на потрошувачите, а не е забележан напредок во градењето капацитети или јавни инвестиции во оваа област, иако е постигнат одреден напредок во усогласувањето на националните правила за безбедност на производите со правото на ЕУ. Следната тригодишна Стратегија за заштита на потрошувачите допрва треба да се донесе, стои во Извештајот.
Забележано е дека инспекциите на Државниот пазарен инспекторат се зголемени во извештајниот период, на вкупно 3.566 инспекциски надзори. Веб платформата за обезбедување информации за заштита на потрошувачите сè уште треба да се развие.
– Во 2021 година, Инспекторатот извршил 473 инспекции според општиот Закон за безбедност на производите, од 428 во 2020 година и 131 инспекција според Законот за градежни производи, од 20 во 2020 година. По овие контроли, Инспекторатот од пазарот ги повлече штетните производи, претежно играчки, светилки, заштитни ракавици, кацига за мотоцикли и детска облека. Инспекторатот има 278 вработени, но има недоволен број лиценцирани инспектори, само 171, а голем број вработени се блиску до пензија. За прашања кои не се поврзани со безбедноста, потребни се дополнителни напори за да се дефинираат упатствата и постапката за жалбите на потрошувачите и средствата за компензација, покажуваат податоците од годинашниот Извештај на ЕК.
Ново на Сител
-
Телеком го поддржа театарскиот проект Замисли нов свет
-
Преглед на вестите од светот
-
Артан Груби се повлекува од јавниот живот иако тврди дека е чист како солза
-
Уставен се подготвува за седница на која со експерти ќе се разгледува законот за јазиците
-
Одбележани 30 години соработка со УНХЦР
-
Диви свињи ги уништуваат нивите на брегот на Охридското езеро
-
Штипските студенти од УГД ќе можат да студираат во Европската Алијанса на Универзитети
-
Преглед на вестите од светот