Бизнис
12. April 2021 - 20:56

Битиќи: Ако се утврдат неправилности при пораст на цените на одредени производи, ќе бидат преземени мерки

Единствениот механизам на државата за контрола на цените на производите во моментот е испекцијата која може да утврди дали има неправилности и нивно вештачко зголемување, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој најави дека наскоро ќе се излезе со податоци од контролите и таму каде ќе бидат констатирани неправилности ќе бидат преземени мерки. 

-Минатата година поради прогласената вонредна состојба, Владата со уредба можеше да донесе одлука со која што директно интервенираше да нема пораст на одредени производи. Сега единствениот механизам ни е преку пазарната инспекција да утврдиме дали има неправилности и дали има навистина зголемување на цените на вештачки начин. И веќе ние ги следиме секојдневно, не само од јавувањето на граѓаните. Ние и самите го следиме движењето на цените. Веќе има таква интервенција на неколку субјекти. Наскоро ќе излеземе со податок што точно ќе направиме и секако сите тие што се обиделе да профитираат или во овој момент кога на сите нас ни е тешко да изнесат максимална добивка од состојбата се што е законски ќе се преземе, рече вицепремиерот Битиќи во гостување на ТВ Сител.  

Во врска со покачувањето на цената на маслото за јадење, Битиќи вели дека во некоја мера е оправдано поради светско движење на цените.

-За жал заради некои движења на светската берза секако треба да се направи некое поместување на цените. Се утврдува дали пазарната цена на маслото во овој момент е 100 отсто оправдана наспроти сите движења на светската берза, наспроти количините што постоеле итн. Се прават последните калкулации и наскоро ќе имаме конечен став и околу ова. Не е во ред и не би требало во ситуации кога на сите ни е тешко секојдневно се бориме против непознатиот непријател вирусот да се бориме и против тие коишто, еве да кажам, несовесно ќе се однесуваат, а не според правилата на пазарот, рече Битиќи.  

Тог во гостувањето говореше и за угостителството и рече дека се размислува за еден нов цел пакет за периодите кога овие субјекти беа целосно затворени. 

-Во пресек на 6 април годинава во Македонија биле регистрирани вкупно 6685 компании вкупно во секторот хотелиерство, туризам и  угостителство. Во категориите шифрата на дејност коишто опфаќаат само угостителство се регистрирани 6 000 компании, правни субјекти кои имаат вкупен број од 17.000 вработени. Пресек 6 април кога беа затворени или тоа за јавноста нека биде 2,7 отсто од вкупниот број на вработени. Секој еден е битен. Освен парите што ќе ги добијат за финансиска поддршка од петтиот пакет што веднаш, експресно ќе се случи дента кога  ќе се изгласа во Собрание ние ќе почнеме со операционализација веќе размислуваме за цел еден нов пакет за времето кога беа затворени. И веќе го гледаме. За жал, не дека не е развиен пакетот, пакетот е развиен, моделот е развиен, но ги немаме бројките. Очекуваме да заврши тримесечниот период за да можеме да споредиме за каков просек на приходи зборуваме за периодот јануари, февруари, март, рече Битиќи.

Тој нагласи дека тоа ќе биде целосно нова мерка и оти станува збор за процентуална поддршка на приходите.

Во врска со најавите за измени на Законот за здравствена заштита за намалување на цените во приватните болници за кои денеска информираше министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот Битиќи рече дека неколкупати се правеле обиди со разговори со приватните здравствени установи да се најде компромис по ова прашање во период кога, како што рече, сите треба да се грижиме за здравјето на граѓаните.

-И не само за здравјето на граѓаните туку и за нивната економската моќ за да најдат решение. Затоа сега рековме тоа да го направиме законски, бидејќи постои можност заради кризната состојба сето тоа да го адресираме законски и да дадеме законско ограничување на висината на надоместите кои што граѓаните ќе ги плаќаат за лекувањето во приватните здравствени установи, рече Битиќи во гостувањето на ТВ Сител.