Македонија
15. November 2024 - 16:33

Кумашини на Ѓорчевски први ги поврзале исчезнувањата на Вања и Панче

Поранешната директорка на Фершпед, Кираца Трајковска и нејзиниот син Гоце биле првите кои ги поврзале исчезнувањата на Вања и Панче. Во потрагата се вклучиле како кумашини на семејството Ѓорчевски, а од друга страна, Трајковска денеска во судницата кажа и дека нејзина втора братучетка е сопруга на обвинетиот Палевски.

Откако дознала дека ја нема Вања, а подоцна и велешанецот Панче, се посомневала дека можеби тој стои зад исчезнувањето на девојчето. Преку пријатели во Велес обезбедила снимки од движењето на возилото на Панче. Дел од него се гледало и на снимка од пред зградата каде живеела Вања. Нејзиниот татко ги добивал сите видео материјали.

„На една снимка видоа издувни гасови од кола која тргнува во тој момент, и бело возило пикап пред тоа возило. Кога ја најдоа колата сомнителна, најдоа информација дека е исчезнат Панче Жежовски. Гоце провери преку пријатели, дозна каква кола има Жежовски, дека е истата боја како на снимките што ги гледавме.

Ние се посомневавме во Жежовски. Помисливме дека тој ја зел. Интуиција. Се распрашувавме кој е човекот што го нема. Го поврзав син ми Гоце со роднина од Велес, за заедно да соработуваат и да продолжат да истражуваат“, сведочеше Кираца Трајковска во судницата.

Трајковска за својот син рече дека е мангуп, па глумел и полициски инспектор за полесно да обезбеди снимки од видео надзор. Иако повикан да сведочи и Гоце, денеска тој не дојде во судот. Го оправда неговата мајка - добил паничен напад и висок притисок, не можел да седи во затворена просторија во која има повеќемина.

Трајковска ја испрашуваше и Палевски.. Негираше дека би можел да ја убие Вања, а негативно одговори и на прашањето дали знае дека нејзиниот син им кажал на полициските инспектори дека Александар Ѓорчевски е меѓу основачите на Десна.

„Јас за вакво нешто не можам да кажам ништо, затоа што не знам, не сум слушнал такво нешто. Ова е за мене ново. Не верувам дека како адвокат сум испуштил некој детал“, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокат.

Родителите и сестрата на Ѓорчевски беа меѓу сведоците повикани да го поткрепат обвинението за убиството на Вања и Панче. Открија дека во младоста се лекувал како зависник од дрога, а пред исчезнувањето на девојчето бил невработен. Живеел од пензијата на мајката, но никому не должел пари. Неговиот внук пак рече дека повремено финансиски го помагал Александар, но тој секогаш му ги враќал позајмените пари.