Одложен е тендерот на кој ЕСМ требаше да понуди цена по која ќе му продава струја на ЕВН
Одложен е тендерот на кој ЕСМ требаше да понуди цена по која ќе му продава струја на ЕВН. Наместо денеска, постапката ќе се случи кон крајот на месецот.
„Од технички причини на барање на понудувачите, а со цел зголемување на конкуренцијата, тендерот за понудите е одложен за 28 ноември, додека тендерот на Електродистрибуција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во системот ќе биде на 27 ноември“.
Колкави ќе бидат сметките на домаќинствата најмногу зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ.
На последниот тендер за периодот јули-декември годинава, за 85% од потребите, ЕВН доби понуда само од ЕСМ, а за останатите 15% имаше тројца понудувачи и сите беа одбиени поради високи цени.
Во моментов, ЕСМ задоволува 100 проценти од потребите по цена од 60 евра за мегават час.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена рече дека ако има поскапување на струјата, тоа ќе биде до 3%, а неговите очекувања се дека ЕСМ ќе понуди цена меѓу 58 и 62 евра за мегават.
Сепак, проблем останува увозот на струја. Според познавачите и оваа зима ќе бидеме зависни да купуваме електрична енергија од надвор.
„Имаме увоз на струја и мислам дека тоа ќе потрае посебно во зимските месеци, затоа што потрошувачката очигледно ќе биде поголема. Има најава за студена зима. Тоа покажува на поголема потрошувачка на електрична енергија. Затоа што не можеме да ја произведиме. Хидроелектраните, од „домаќинско“ работење, тој хидропотенцијал е негде на 20-30%, а гледате и самите дека вода нема“ – Спиро Мавровски, електроинженер во пензија.
Во моментов, на депонијата на РЕК Битола има околу 200.000 тони резерви од јаглен. Планот е комбинатот зимава да работи со два блока, а еден допрва ќе се ремонтира и ќе се чува како резерва по потреба.
„Цело време се говори дека се неспремни и стари блоковите. Тие блокови се, во меѓувреме, репарирани. Освен првиот блок. Тој не го поминал тоа мислејќи дека, еве и требаше нели по овие предвидувања до 2030 година, првиот блок веќе требаше да биде за две години исклучен. Мислам дека тоа нема да се случи. За жал, оваа година не е ни ремонтиран. Ремонт во зимските месеци е несериозна работа“ – Спиро Мавровски, електроинженер во пензија.
Од почетокот на годината до средината на минатиот месец, потрошени се над 37 милиони евра за купување струја од слободниот пазар. Најмногу пари, или над 12 милиони евра, биле потрошени во јануари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар