Свет
7. March 2017 - 17:20

Анкета: Секое петто лице смета дека жените се инфериорни во однос на мажите

Секое петто лице во светот смета дека жените помалку вредат од мажите и оти нивното место е во домот, а исто така дека мажите се поспособни на работното место и во училиште, покажуваат резултатите од глобалната анкета објавена еден ден пред 8. март Меѓународниот ден на жената.

Речиси сите од 17.500 анкетирани се согласни дека мажите и жените треба да имаат исти права, а три четвртини од нив признаваат дека жените се уште се социјално, политички и финансиски нееднакви.

- Охрабрувачки е што огромно мнозинство од мажите и жените во светот веруваат во еднакви можности... но во исто време поголемиот број од нив оценуваат дека се уште нема вистинска рамнопрвност, изјави Кули Каур-Балаган, директор на Институтот Ипсос МОРИ, што ја спроведе анкетата/

Во 24 држави, меѓу кои Бразил, Канада, Русија, Велика Британија, Индија и Шведска, повеќе од половината анкетирани се самоопределиле како феминисти, но една четвртина истакнала дека „се плаши“ да го крене својот глас за правата на жените.

Околу половината од испитаниците во Кина, Русија и Индија одговориле дека мажите се супериорни во однос на жените и можат подобри да заработуваат пари и да се образуваат.