10 илјади домаќинства за еден месец од „штедачи“ станале „трошаџии“ оти потрошиле повеќе струја
Министерот за економија лично смета дека струјата треба да поскапи за трошаџиите во третиот и четвртиот блок, за да се заштитат првиот и вториот. Но, пресметката на ЕВН покажува дека 10 илјади домаќинства преминале од првите два во блоковите со поголема потрошувачка, за само еден месец, оти потрошиле повеќе струја.
Според податоците на ЕВН, во месец октомври во блок 1 и 2 имало околу 700.000 корисници, а веќе во ноември 690.000 корисници.
Генерално, тоа се домаќинства кои домот го загреваат со струја, па имајќи предвид дека изминатите два месеца и немаше потреба од поголемо греење, месецов се очекува оваа бројка да е уште поголема.
„Граѓаните кои имаат повеќе потреба за поддршка генерално се во склоп на првиот и вториот блок во делот на потрошувачката во нашата држава. Повеќе од 40-50% од нашата потрошувачка оди во тие два блока. Ние не треба да ги поддржиме и субвенционираме граѓани кои имаат големи приходи и трошат колку што троши една фабрика“ – Крешник Бектеши, министер за економија
Во моментов се прават анализи на пресметките од МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција, кои побараа раст од 27%. Крајната цена ќе ја објави ЕВН со претходно одобрение од регулаторна.
Бектеши убедува дека новата ставка „пристап до мрежа“ не е компензација со воведувањето на евтината тарифа. Според него, со фиксната давачка ќе бидат засегнати само оние што имаат повеќе имот кој не го користат, а дневната евтина струја е корисна за тие што редовно трошат електрична енергија.
„Имаме домаќинства кои имаат низ цела Македонија станови, низ цела Македонија викендици и тие кога и да одат таму, имаат електрична енергија, а делот на цената на дистрибутивната мрежа го плаќаме ние што секој ден живееме во нашите домови“– Крешник Бектеши, министер за економија
Новата ставка ќе ја плаќаме сите, без разлика дали и колку струја сме потрошиле. Колку ќе чини се уште не се знае, а првичните анализи покажале интервал од 50 до 250 денари. Со воведувањето на новата давачка, се очекува мрежарината да се намали до 20%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар