Бизнис
29. September 2015 - 18:05

Се разгледуваат можностите за финансирање енергетски проекти

Забрзан трансфер на знаење како да се финансираат големи енергетски проекти кои вредат повеќе стотици милиони, а некогаш и повеќе милијарди долари, размена на мислења и обука на стручни кадри од Македонија според светските трендови, е целта на работилница „Финасирање на големи енергетски проекти“, што денеска почна во Скопје. 

На четиридневната работилница, организирана од АД ЕЛЕМ под покровителство на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и во соработка со советникот на Владата за енергетика Никола Попов, кој е еден од нашите најдобри експерти за атомска енергија, своите искуства од оваа област на македонските енергетичари ќе им ги пренесат тројца експерти од МААЕ од Канада, Велика Британија и САД.

- Фактот што работилницата се организира со МААЕ не значи дека разгледуваме изградба на некаква нуклеарна централа во Република Македонија. Но, сепак потребно е да се имаат знаењата дури  и ако некоја од соседните држави има некоја таква иницијатива, бидејќи секојпат, согласно меѓународната регулатива, потребно е согласност, а доколку постои можност и учество на соседните држави. Затоа Македонија е должна да биде спремна да одговри на ваквите барања и едноставно да биде рамноправен учесник на една таква дебата и правилно да оцени дали треба или не треба да учествува во еден таков проект. Токму во таа насока е и денешната работилница, изјави вицепремеиерот за економски прашања Владимир Пешевски пред почетокот на работилницата.

Тој нагласи дека работилница ќе биде од корист за сите, бидејќи, како што рече, во овој момент и во државата и во ЕЛЕМ се разгледуваат големи енергетски проекти.

Директорот на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски посочи дека финасирањето на големите проекти во енергетиката, а посебно во нуклеарната енергетика, бара големи познавања, вкулучувајќи и воспоставување на соодветна правна рамка, инволвирање на голем број заинтересирани страни, локациски истражувања, истражувања од областа на заштитата на животната средина, едукација на кадри,...

- Сето тоа е неопходно за да се создадат услови за соодветна доверба со инвеститорите, како и долгорочна одржливост на работните услови, бизнис односите и профитот на сопственикот и операторот на енергетските објекти, рече Бошковски.

Потенцира дека инвеститорите се повеќе бараат сигурност во условите кои ќе обезбедат поврат на нивните вложени средства во одреден временски период и да се минимизираат на најниско можно ниво ризиците од загубите во инвестициските активности.

- Затоа организациите кои бараат инвеститори треба да подготват јасна стратегија како ќе одговорат на сите услови на инвеститорите. Токму оваа работилница треба да ни даде неопходни информации како оваа област се работи во светот и да ни укаже што се очекува од организациите во Македонија за да бидат успешни во обезбедувањето на инвестиции за домашните енергетски проекти, прецизира Бошковски.