Македонија
15. March 2016 - 16:11

Попоски за Сител: Бараме од Грција да спречи идни инциденти

П.Г-дине Попоски, како ја оценувате вчерашната ситуација на нелегално насилно преминување на илјадници мигранти на македонска територија во ситуација кога грчката полиција практично не делуваше за да го спречи преминувањето од една држва, членка на Шенген во друга држава, на овие мигранти?

ПОПОСКИ: На некој начин се работи за преседан, како во случајот бидејќи за прв пат имаме повеќе илјади луѓе кои на организиран начин се обидуваат на нелегални премини да преминат од една држва во друга. Очигледно е дека постојат невладини организации и криумчари на мигранти кои сакаат да профитираат од една таква ситуација. Во секој случај не смее властите во било која држава на оваа мигрантска рута да останат неми набљудувачи на таков еден феномен. Ние ја интензивиравме комуникацијата со нашите партнери во ЕУ и со грчките власти, бидејќи имаме заедничка цел, да не се сведе ова на префрлање на вина, туку на избегнување на сериозен ризик да почнеме со нова фаза во мигрантската криза, во која ќе се створи определен натпревар за тоа колку мигранти ќе бидат прокриумчарени од една граница до друга. Одговорот мора да биде одлучен на европско ниво. Каква и да биде одлуката ќе бидеме дел од решението, ќе соработуваме со нашите европски партнери, но не смееме да дозволиме на ваков начин, организирано од невладини организации и криумчари, канал за нелегално минување на граница да постане пракса која би се толерирала. И во оваа насока сметам дека ќе добиеме соодветна поддршка и од нашите европски партнери, а во секој случај ќе останеме на блиската комуникација и со грчките власти за да помогнат за избегнување на вакви инциденти во иднина.

П: Грчкиот Премиер Ципрас веќе најави истрага, кој ги организирал мигрантите да тргнат по таа рута. Дали верувате дека можат да преземат чекори со кои што нема да се повторат слични инциденти и дека ќе го послушаат апелот на Ципрас да се повлечат од Идомени во прифатните центри во внатрешноста на Грција?

ПОПОСКИ:Најдобриот сигнал кој може да се упати во овој момент е да се прекине со праксата со носење дополнителни мигранти кои би се поставувале во шатори на самата гранична линија. На овој начин само им се зголемува пазарот и на невладините кои работат на криумчарење преку граница и на криумчарите кои гледаат на овој феномен како на бизнис можност. Единствено решение за избегнување на вакви ризици е преместување на мигрантите во центрите кои се соодветно договорени со ЕУ на територија на земјата која е прв влез во шенген зоната и во ЕУ, односно во Грција. Доколку ова се случи, навистина ќе се намали ризикот од вакви инциденти да се повторуваат во иднина.