Македонија
14. November 2016 - 10:49

Врачени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје за 2016 година

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, синоќа на свеченост во Македонската опера и балет им ги врачи на годинашните добитници наградите „13 Ноември“.

Трајановски истакна дека традиционалната годишна награда за особени достигнувања и остварувања во сите сегменти на животот, е знак на  признание на Градот Скопје кон сите оние кои што со својот труд и достигнувања придонеле за неговиот развојот, но и за севкупниот напредок и афирмација Македонија, во и надвор од нејзините граници.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ од областа на науката се Михаил Гаревски, Аслан Хамили и Томислав Димишковски.

Наградени од областа на уметноста се Мушереф Лозана Прекиќ, Летка Полизова Димовска, а од областа на културата награден е Александар Кујунџиски.

Од областа на публицистиката и архитектурата добитник на наградата „13 Ноември“ е Вангел Божиновски, а од областа  на  хуманитарната активност Алмина Алиловиќ.

Наградени ученици и студенти се Ева Карамановска од ООУ „Рајко Жинзифов“ и Марко Наумовски од СУГС„д-р Панче Караѓозов“ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннатавните активности.

Во името на добитниците на Наградата „ 13 Ноември“ на Град Скопје за 2016 година се обрати архитектот Вангел Божиновски.

Во рамки на свеченоста, во фоајето на МОБ беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2016“, а по доделувањето на наградите, во чест на добитниците и по повод празникот на Скопје, настапи хорот „Св. Злата Мегленска“, а беше изведена и оперетата „Глорија“.