Македонија
18. December 2024 - 16:32

Со писмо до Таравари и Мицкоски 30 доктори од Клиниката за деца “Козле” бараат смена на директорката – таа демантира

Преку отворено писмо до Премиерот, министерот и националниот координатор за здравство 30 лекари од Клиниката за респираторни болести кај децата – Козле бараат смена на в.д директорката Каролина Симоновска. Оваа протесна нота како што пишуваат е поради нарушените организациски и меѓучовечки односи во установата. Револтираните вработени бараат да се стави крај на самоволието и како што наведуваат да се спречи нејзината епохална неспособност.

Посочуваат и 15-тина примери за лошото менаџирање, меѓу кои уништување на кабинетот за бронхоскопија па итни деца се препраќале на Клиниката за ОРЛ. Поради наредбата на интензивна да се примале сите доенчиња до 3 месеци и деца на кои им треба кислородна подршка, се надминувал капацитетот и мали пациенти и мајки и во 3 по полноќ биле префрлани на оддели во неисчистени соби. Обвинуваат и дека направила повеќе незаконски постапки, секојдневно трпеле навреди за несовесно работење и мобинг, а кога влегувале кај нејзе во канцеларија задолжително требало да се остават телефоните кај секретарката.

Затоа бараат Таравари итно да ја разреши, а нивните потписи биле доставени на увид во министерството .

- Спремни сме да ја прекинеме работата со штрајк или евентуални откази, во време кога има дефицит на педијатри во јавното здравство, додека оваа елементарна непогода не биде отстранета, итно и неодложно. Ве молиме тоа да биде завршено час поскоро. Доколку целта да пружаме што поквалитетни услуги за нашите пациенти ни е заедничка, покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум, а таквиот чин многукратно ќе ве награди, стои во отвореното писмо од 30 вработени лекари во Клиниката “Козле”.

Изнесените обвинувања ги демантираше стручниот колегиум и директорката , посочувајќи дека се ноторни невистини.  Сите оддели непречено работеле, а лекарите кои стоеле зад писмото и вршеле притисок биле политички мотивирани и го рушеле кредибилитетот на установата.

- Оваа мала група на незадоволни поединци бараат од Директорката да се вратат специјализантите во амбулантите и ги гледаат само своите лични интереси. Директорката ужива голема поддршка од мнозинството од сите профили на вработени и активно се залага за подобрување на условите и за вработените и за пациентите, стои во демантот од  Клиниката “Козле”

Министерот за здравство кратко одговори дека прво ќе се сретнал со директорката Симоновска за да ја слушне и нејзината страна па тогаш ќе одлучи дали ќе ја разреши.

Смена и на двајцата пак бараат од Алијанса на Албанците на Села и посочуваат дека министерот се плаши да ја разреши директорката во “Козле” иако за незадоволството во установата дел од вработените му посочиле уште пред 3 месеци. Таравари одбра со молк да ја брани директоркатта и да ги игнорира вработените и пациентите, се вели во соопштението од опозициската партија.