Македонија
20. August 2024 - 16:39

Вооружен грабеж кај Мавровка, убиен 60 годишен скопјанец

Прво пукале во него, па го ограбиле и побегнале.. Среде бел ден на паркинг кај трговскиот Мавровка во Скопје утринава е убиен 60 годишен скопјанец. Бил застрелан пред очите на сопругата со која штотуку излегол од автомобилот.. Откако било пукано, разбојниците одзеле црна торба во која имало компјутер и други предмети од багажникот на возилото.. Со пленот во раце и автомобил со странски регистрации, веднаш побегнале од местото..

Според полицијата, кратко по убиството специјални полициски единици затвориле дел од центарот на Скопје, подигнат беше хеликоптер и дронови кои возилото на разбојниците го лоцирале во Чаир.. Идентификувале дека зад убиството стојат три лица.. Две биле веднаш уапсени, но за нивно совладување, се одиграла престрелка со полицијата.

„На подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, велат од МВР.

Во меѓувреме, МВР информира дека на неколку локации во Скопје има засилено полициско обезбедување кое го регистрираше и камерата на Сител. Стенковец, Сарај, крстосница во Чаир, Парк шума Гази баба се локациите каде се распоредени тимови на полицијата кои работат на пронаоѓање на третиот разбојник.

Луѓето кои биле во близина на местото на пукањето, сведочат дека оружениот грабеж се случил многу брзо.. Велат се исплашени за својата безбдност.

Засега наделжните не откриваат што ги мотивирало разбојниците да го застрелаат мажот.. Скопјанецот бил сопственик на приватна фирма, а фамилијата поседувала златара.