Дали оптимизацијата на училиштата ќе ја извади Македонија од образовната криза?
Училиштатата со едноцифрена бројка на ученици ќе треба да се приклучат кон централните училишта со повеќе деца. Со оваа оптимизација која е успешно спроведена во десет општини низ државата надлежните очекуваат Македонија да излезе од образовната криза, во која тоне со години.
Освен социјализацијата која МОН ја наведува како приоритетен бенефит, со оваа оптимизација ќе се заштедат и пари. Ако децата се преселат кон училиштата со повеќе ученици, нема да се плаќаат сметки за струја и за вода за училиштата каде се едуцирале помалку од 10 деца.
Со клучот на врата пак на ваквиот вид на училишта, ќе се зголеми бројката на вишокот просвени работници, кој сега е 3.000. МОН смета дека овој предизвик со наставниците, би се решил со воведување на едносменското работење на воспитно-образовните установи.
И додека УНИЦЕФ предупредува дека македонските ученици во клупите минат 900 часови помалку во споредба со европскиот просек, денеска во Грција започнува новата учебна година без мобилни телефони. Ако некој снима или фотографира за време на настава, правилата укажуваат дека тој ќе биде избркан од час.
Со оваа новина Грција се приклучува кон европските земји кои имаат воспоставено забрана за користење на смартфони. Вакви правила имаат усвоено владите на Португалија, Шпанија, Франција и Финска, а Кипар и Шведска се близу до нивна имплементација.
Иако УНЕСКО лани препорача воведување на забрана на телефони оти негативн влијаат врз учениците на глобално ниво, во Македонија се уште се нема воведено ваква законска регулатива. Останува интерна одлуката на директорите и самите училишта, дали децата ќе може да користат смартфони за време на часовите.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар